“Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната, од две причини: првата е, во мај годинава буџетот е скратен 30 проценти и втората, затоа што во јуни и јули се склучувале суми во одредени дејности како и прифаќање на предмети по жалба кои претходно биле одбиени“, објави на прес конференција министерката за култура Ирена Стефоска. Таа посочи дека предлог буџетот за култура e 10 милиони денари помал од лани 

 

„Посветено работиме за да ја креираме култура која ќе биде во релација со реалноста, а реалноста е дека – буџетот за 2020-та длабоко стапнал на „чергата“ за 2021 г. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната, од 2 причини: првата е, во мај годинава буџетот е скратен 30 проценти и втората, затоа што во јуни и јули се склучувале суми во одредени дејности како и прифаќање на предмети по жалба кои претходно биле одбиени“, изјави на вчерашната прес конференција министерката за култура Ирена Стефоска објавувајќи го предлог буџетот за култура за 2021 кој изнесува 53 милиони евра или 10 милиони денари помалку од лани.

Истакнувајќи ги проблемите и предизвиците со кои се соочува Министерството, таа додаде дека е активирано одделението за внатрешна контрола во секторот финансии, како и внатрешната ревизија чиј извештај за една од дејностите е поразителен и оди на понатамошна постапка во соодветните институции. Од тие причини, вели и исплатите се забавени, но притоа не откри за која дејност конкретно се работи.

Стефоска повторно ги посочи заштитата на културното наследство, поддршката на идеите и креативноста кај младите и ЕУ интеграциите како врвни приоритети кои се проектирани и за следната година. Со предлог-буџетот средства наменети за финансирање на проекти од национален интерес се 970.100.000 ден. или околу 15 и пол милиони евра. Во однос на целиот буџет на Република Северна Македонија е 1,23 проценти, а во однос на 2020 е намален за десет милиони денари.

Во предлог-буџетот за 2021 пак, се предвидени повеќе средства за, исплата на платите на вработените во установите од областа на културата и нивно нивелирање согласно потпишаниот Колективен договор за култура.

„Предвидовме и средства во висина од пет милиони денари за поправки и тековно одржување на објектите на националните установи , од кои голем дел се изградени  пред 30 години. Предвидени се и средства за работа на Министерството за култура и за Управата за заштита на културното наследство кои изнесуваат 240.283.000 ден. Од овие средства, 2 милиона денари се предвидени за набавка на софтвер и хардвер за современо функционирање на Министерството за култура и за набавка на соодветна информатичка опрема.

Во рамки на буџетот се отвора и нова програма – „Културно наследство во опасност“ за која ќе бидат издвоени 12 милиони денари“, посочи Стефоска.

Како приоритети во заштитата, таа додава дека Курбиново е на врвот, како и заштитата на црквата во Матејче, проблем кој е актуелен веќе дваесет години и  конзервацијата на Лешочкиот манастир.

„Лично отидов во Градскиот конзерваторски центар за да видам до каде е проектот за конзервација Аквадуктот. Имам добра вест – идејниот проект за конзервација на Аквадуктот е завршен, а основниот проект ќе биде готов за две недели. Ја започнуваме санацијата на куќата на Лазар Личеноски, како и санациите на неколку спомен-куќи низ државава, како и на Центарот за култура во некогашната куќа на Нијази Бег“, додаде Стефоска.

За капитални проекти 217 милиони денари

Со 217 милиони денари ќе се реализираат капиталните проекти, како продолжување на изградбата на Турскиот театар во Скопје, реализација на втората фаза на Театарот и библиотека во Тетово, завршување на Театарот во Струмица. Во буџетот се обезбедени  и 6 милиони денари за набавка на опрема за националните установи, како и 57 милиони денари насочени за санација. Така во 2021, се планирани реконструкциите на Театарот Куманово и Центрите за култура во Кочани и во Гостивар. Во предлог буџетот се  предвидени и двојно повеќе средства за евроинтеграциите, меѓу другото за кофинанирање на сите одобрени проекти на македонските корисници од страна на Европската Комисија, а кои се однесуваат на програмата Креативна Европа, како и воспоставување на европската агенда за западен Балкан во областа на културата. Во однос на поддршката за младите уметници Стефоска посочи: „Правиме се, младите да ги стимулираме во сите сегменти на поддршката што Министерство ја дава, како што се и Годишните конкурси“. (Д.Т.)