Само неколку дена по одбележувањето на јубилејот 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, револуционерот повторно е во фокусот на нов жесток судир помеѓу власта и опозицијата, во обид да докажат кој повеќе го почитува. Декларацијата за Гоце Делчев поднесена во Собранието од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, министерот за надворешни работи Бујар Османи ја оцени како враќање назад во процесот на преговори со Бугарија за надминување на разликите и деблокадата на евроинтеграцијата на земјата.

„Слична ваква иницијатива имаше ВМРО на Каракачанов во бугарското Собрание во однос на свети Кирил и Методиј. Сакаа Парламентот да ги дефинира историските прашања. Е, сега тоа што имаат исти имиња партиите, не мора да имаат и исти ставови. Ако влеземе во таков натпревар, ние денеска Гоце Делчев, утре бугарското Собрание уште посилен текст за Гоце Делчев, па ние потоа, ние влегуваме во маѓепсан круг на односи, не само со Бугарија туку и, генерално, внатре во државата. Така што мислам дека не треба да ја користиме историјата како платформа за изградба на нашите политички кариери, за дневно-политичките прашања и препукувања“, рече денеска Османи во телевизиско гостување.

СДСМ се надоврза на критиката и побара ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече оваа нејзина срамна декларација, која, според најголемата владејачка партија, е „политичко подметнување со цел да се продлабочат поделбите меѓу граѓаните“.

„Никој не заборава дека ВМРО-ДПМНЕ правеше споменици на Ќосето, дека на партиски настани воспева и слави личности како Ванчо Михајлов, Тодор Александров и други кои се спротивни на Гоце Делчев и на македонските интереси во тој период. Ваквото политичко понижување на делото на Делчев и штетата на грбот на националниот интерес покажуваат дека нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некои други бугарски политичари кои имаат цел градење политичка кариера преку одржување на спорот помеѓу двете земји“, стои во соопштението од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа СДСМ да објасни што конкретно е неприфатливо за нив од Декларацијата.

„Повторно ги повикуваме пратениците на СДСМ и коалицијата во Собранието да одговорат дали за нив е неприфатлив повикот до медиумите во годината кога се одбележува 150-годишнината од раѓањето на Делчев да вообличат содржини со кои ќе се одбележат ликот и делото на овој најголем херој на земјата. Не одговорија дали е неприфатлив повикот до Институтот за национална историја и до МАНУ  да организираат научни собири по повод овој голем јубилеј. Дали за СДСМ е неприфатлив и повикот до училиштата, во рамките на одделенските и класните часови, да спроведат активност со која учениците ќе се запознаат уште повеќе со ликот и делото на Делчев? Со одбивањето на Декларацијата во Собранието, СДСМ е против повикот за издавање пригодна поштенска марка по повод овој голем јубилеј?“, прашуваат од најголемата опозициска партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, со отфрлањето на Декларацијата од СДСМ, веќе е јасно дека СДСМ и пионот Ковачевски преговарале за ликот и делото на Гоце Делчев, што е темелот на македонската борба за државност и независност.

Шефот на дипломатијата, Османи, претходно истакна дека јавноста и општеството не смеат да расправаат за историските личности и нивното значење, меѓу кои е Гоце Делчев, туку тоа може да го разгледува само Заедничката македонско-бугарска историска комисија. На ова жестоко реагираше режисерот Владимир Милчин, кој смета дека ова е обид за замолчување не само на историчарите туку и на јавноста, прашувајќи го министерот Османи дали ќе дели дозволи за оние што ќе смеат да критикуваат.

Копретседателот на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, пак, посочи дека досега усвоените декларации од двете собранија само повеќе ѝ наштетиле на работата на Комисијата.

(И.С.)