Летонскиот шеф на дипломатијата поднесе оставка по отворање истрага за можно расфрлање со народни пари додека бил премиер

41
Фото: EPA-EFE/TOMS KALNINS

Летонскиот министер за надворешни работи Крисјанис Каринс денеска изјави дека поднесува оставка поради отворање истрага за можно трошење народни пари додека тој беше на чело на Владата.

Канцеларијата на државниот обвинител на Летонија минатата недела соопшти дека ја истражува употребата на приватни авиони од 2019 до 2023 година за официјални летови на Каринс, кога тој беше премиер, сомневајќи се дека несовесно се трошеле средства.

Според летонскиот закон, државните службеници мора да ги изберат најевтините услуги, вклучувајќи ги и летовите.

Но, тогаш Каринс и неговата делегација, не почитувајќи го тој принцип, користеле авиони најмалку 18 пати, главно за патувања во земји со кои има директни редовни летови од Рига, а дополнителните трошоци ги префрлале во летонските и во фондовите на ЕУ.

Истрагата на државниот контролор утврдила дека летовите биле закажани без задолжителни тендери.

Каринс рече дека ќе остане на функцијата до следната седница на Парламентот на 10 април, кога треба да биде констатирана оставката.

Премиерката Евика Силина за агенцијата ЛЕТА изјави дека „нема официјален кандидат за испразнетото место министер за надворешни работи“.