Каков договор за Македонија „паднал“ во Брисел?   

Македонија не отстапува од црвените линии и покрај барањата од Бугарија и за јазикот и идентитетот нема да има преговори, категорични беа пораките вчера од шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев. Но, двајцата немаа одговор на прашањето во врска со објавата на бриселски „Политико" според кој Бугарија ќе го признае македонскиот како еден од официјалните јазици како и македонскиот идентитет, но за возврат Македонија ќе треба да ја признае „историската вистина“, како што е дефинирана од Софија, и да признае дека има бугарски темели врз кои е создаден каков било македонски идентитет и официјален јазик.

1101

Нема отстапки пред Бугарија за идентитетот и јазикот, категорични се шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев. Во врска со евентуалните барања на Бугарија да се признае дека македонскиот јазик и народ се со бугарски корени, претседателот Пендаровски, по седницата на Советот за безбедност вчера, изјави дека за такви отстапки ниту се преговара, ниту ќе се преговара и дека нема отстапување од црвените линии. Запрашан за објавата на бриселски „Политико” дека Бугарија нема да ја блокира Македонија за почеток на преговорите со Европската Унија, затоа што е постигнат компромис Софија да го признае постоењето на македонскиот јазик и идентитет, но од друга страна Скопје да призне дека тие се базираат на бугарски корени, шефот на државата одговори дека тој нема информација дека било воопшто дискутирано за таков можен договор.

 -Тоа што можам категорично да го повторам е дека нема отстапки и нема, ниту ќе има преговори за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, рече Пендаровски.

Запрашан дали сепак Владата би прифатила евентуален таков договор, за каков што пишува „Политико”, Пендаровски категорично рече дека тоа нема да се случи.

 -Како прво, не знаеме дали постои таков предлог, но сеедно, повторувам, за нашиот идентитет нема да дискутираме, рече Пендаровски.

И премиерот Заев рече дека нема нови информации, а не беше запознаен ниту со објавата на „Политико”

-Се согласувам со претседателот Пендаровски дека нема преговори за идентитетот и јазикот. И јас немам нови информации. Но можам да потсетам на преговорите со Грција. Таа го призна нашето право на самоопределување и јазик. Бугарија ја признава реалноста и верувам дека работните групи ќе најдат решенија. Очекувам од бугарските лидери да бидат до крај конструктивни. Повторувам, нема нов договор меѓу двете земји, нема анекс на договорот. Имаме успех во одржувањето на состаноците на комисиите, најдени се решенија за 5 историски личности и периоди, водиме грижа еден за друг како земји, мислам дека така се гради пријателство. Договорот за пријателство е добра основа, ги охрабрувам комисиите да продолжат во духот на добрососедството и да најдат заеднички нитки во историјата, рече Заев.

Во однос на пишувањата на „Политико“, Заев рече дека најпрво треба да се види дали воопшто постојат такви идеи.

-Од тоа што е пренесено, важно е дека се пишува оти ќе има прва меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава. Тоа што е неприфатливо, секако е доколку се размислува дека македонскиот јазик има бугарски корен, рече Заев.

Во врска со изјавата на бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов во средата, според кого, Бугарија не може да ја промени позицијата во однос на почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, затоа што веќе има Декларација во Парламентот и одлука на софиската Влада за тоа прашање, претседателот Пендаровски рече дека бугарскиот амбасадор е официјален претставник на Бугарија и се разбира дека не може друго да се очекува од него освен да ги застапува бугарските државни интереси.

-Но од нас исто така не може друго да се очекува освен да ги застапуваме нашите државни интереси и да потсетиме на нашите црвени линии. Нашата позиција е јасна, преговори за идентитет и јазик немало и ќе нема. Немало ниту за време на преспанските преговори, нема да има ниту сега. А со Преспанскиот договор добивме чиста позиција за јазикот, кој е признат од целиот свет. Нема отстапување од нашите позиции, немаме резерви кон тоа прашање. Убеден сум дека бугарските раководители се сигурни на ставот дека македонскиот јазик и народ се реалност, изјави Пендаровски.

Покрај изјавата на бугарскиот амбасадор Ангелов, и шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева порача дека Бугарија не е во состојба да ја одобри преговарачката рамка за Македонија во нејзината сегашна форма, во која е претставена. Германија, пак, уште еднаш ја потврди поддршката за Македонија. Германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн рече дека Берлин ќе направи сè што е можно Првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија да се одржи до крајот на годината, за време на германското претседавање со Унијата. (В.С.Н.)

Бриселски „Политико“: Македонија ќе прифати дека јазикот и идентитетот имаат бугарска основа 

На состанокот на амбасадорите на ЕУ во Брисел во средата бил постигнат „бугарски компромис“ за отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија, кој ќе овозможи да почне првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија, објави бриселски „Политико“, повикувајќи се на дипломатски извор.

-Што има во договорот: Бугарија ќе го признае македонскиот како еден од официјалните јазици и ќе го признае македонскиот идентитет. За возврат, Северна Македонија ќе треба да ја признае „историската вистина“, како што е дефинирана од Софија, и да признае дека има бугарски темели врз кои е создаден каков било македонски идентитет и официјален јазик, пишува „Политико“.

Во однос на ова прашање, преку социјалната мрежа Твитер се огласи и поранешниот шведски премиер, Карл Билт.

-Добрите вести се дека ЕУ дипломатите го деблокирале почетокот на пристапните преговори со Македонија. Како и секогаш, во регионот имало комплексни историски прашања за решавање, овој пат со Бугарија, напиша Билт.