Каде исчезнаа преку ноќ дрвјата од улицата „Васко Карангелески“?

469

Преку ноќ исчезнаа дрвјата од улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром. Она што може да се види е дека дрвјата се откорнати, а претходно отворените дупки, се затрупани. Ниту од Град Скопје, ниту од ЈП „Паркови зеленило“ нема одговор за тоа каде се, дали се засадени на друго место, иако се оградуваа од првичното булеварско решение за оваа улица со четири сообраќајни ленти.

Ова се случува експресно, иако овие дрвја претходно беа искастрени од ЈП „Паркови и зеленило“.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во април годинава вети дека оваа улица нема да се проширува со четири коловозни ленти, туку само од едната страна до училиштето, откако граѓаните  реагираа дека таквото решение не е прифатливо, бидејќи тука е основното училиште „Љубен Лапе“, каде што децата ќе бидат во постојана опасност да бидат прегазени. Освен училиштето, тие потенцираа дека во близина е и градинка во која преку улицата се носат деца.

И покрај ветувањата на Арсовска, во ноември работниците на ЈП „Паркови и зеленило“ повторно почнаа со интервенции и на другата страна на улицата. Потоа, на почетокот на минатиот месец беше постигнат договор со ЈП „Паркови и зеленило“ да се стопираат активностите на улицата. Беше остварена средба помеѓу директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Зухејр Реџепи, и претставници од Зелен хуман град на која претпријатието обелодени дека е изготвен новиот план, според кој најсоодветно алтернативно решение е пресадување на 12 дрвја, оградувајќи се од стариот план каде било планирано да се сечат 57 листопадни дрвја и 30 грмушки.

– Во моментов тековно се заокружува планот на пресадување кој започна на 1 ноември, со пресадување на шест дрвја и дополнително во претстојниот период ќе бидат пресадени уште шест други , со што вкупниот број на пресадени дрвја ќе биде дванаесет – истакнаа тогаш од ЈП „Паркови и зеленило“ , додавајќи дека пресадувањето ќе биде на иста локација, каде ЈП Паркови и зеленило ќе го заокружи успешно проектот со крајна цел, заштита на зелената површина на град Скопје.

При тоа, од претпријатието истакнаа дека на крајот на проектот, планирано е да се садат и нови дрвја зависно од површината на ова градска зона.

Ова се случува иако на предлог на  Зелен Хуман Град, Советот на Град Скопје на последната седница донесе одлука за јавно објавување на решенијата за интервенција врз зеленилото.

– Целта со вклучувањето во процес на носење одлуки е секој да може да си ги оствари, и што е најважно, да си ги заштити своите права. Токму ова е дел од концептот на директна демократија и е основно начело на функционирање во напредните општества.  Ова не значи дека граѓаните треба да го чуваат зеленилото наместо институциите, но им се дава алатка и можност да интервенираат таму каде што самите институции ќе направат пропусти (со потенцијална коруптивна позадина) – истакнаа од Зелен хуман град.

Но, затоа пак предлогот на Зелен хуман град за дополнување на дневниот ред на седницата на Советот на Град Скопје со заклучокот за суспензија на урбанистичкиот план околу улицата „Васко Карангелески“ не беше прифатен на дневен ред, а на жителите од Аеродром не им беше дозволено да присуствуваат на седницата.

– Сето ова се случи иако предлог-заклучокот го доставивме до сите советници со образложение од пет страници во кое беа цитирани научни студии и анализи, официјални извештаи и статистики од државни и меѓународни институции и на изработката на оваа издржана анализа работеше мешовит експертски тим од ЗХГ кој се состоеше од стручни лица за урбанизам, сообраќај, хумана медицина, животна средина и правни работи – нагласија од Зелен хуман град.

(А.П.)