Двајца се “караат”, Али користи

Со различни калкулации и голем оптимизам дека ќе бидат дел од новата Влада уверуваат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Во ДУИ сè уште владее победничка атмосфера, но мудро молчат какви поместувања ќе направат за да бидат дел од новиот владин состав. Дали ќе се откажат од главниот адут во изборната кампања на кој ја однесоа победата во албанскиот блок - Албанец премиер, ќе се знае многу брзо. Преговорите за нова Влада ќе почнат по илинденските празни

661

Дали математиката што ја прават партиите за нова коалиција на крај ќе испадне “чиста“ или тесната разлика во пратеници меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе трнлив пат до „Илинденска„. Со различни калкулации и голем оптимизам дека ќе бидат дел од новата Влада уверуваат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Во ДУИ сè уште владее победничка атмосфера, но мудро молчат какви поместувања ќе направат за да бидат дел од новиот владин состав. Дали ќе се откажат од главниот адут во изборната кампања на кој ја однесоа победата во албанскиот блок – Албанец премиер, ќе се знае многу брзо. Како и да е, тоа ќе биде одлична појдовна основа на Али Ахмети за добро пазарење во новата Влада.

Преговорите за нова Влада ќе почнат по илинденските празници, а изборните резултати јасно покажувале кој го има мандатот за формирање на Влада, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

-СДСМ и коалицијата „Можеме“ со европските и напредни политики што ги водеше досега и со јасната понуда во делот на економијата и правдата има најголем коалициски потенцијал, далеку поголем од капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ или која било друга партија.

И јас и СДСМ досега покажавме дека за нас политиката не е бројка, политиката не ја сведуваме на услови и условувања, туку на процес од кој секогаш треба да се извлече максимумот, кој е единствено во интерес на граѓаните и на државата. Нам во овој момент ни се неопходни стабилно парламентарно мнозинство, стабилна влада, која успешно и ефикасно ќе ги менаџира и здравствената криза и економските предизвици со кои се соочуваме, но и евроинтеграцискиот процес на кој чекавме 30 години, изјави Заев во интервју за „А1он„.

Заев не ги коментира изјавите од ДУИ, конкретно онаа на Бујар Османи, во која тој вели ДУИ е победник на изборите и дека тие треба да го добијат мандатот и да одлучат со кого ќе формираат влада, дали со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ. Тој смета дека ДУИ се однесува арогантно и ги потценува граѓаните, а тоа според него не носи резултати.

На Влада се надева и ВМРО-ДПМНЕ. И тие како и СДСМ се сметаат за победници на изборите. На седница на Централниот комитет претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рекол дека ќе направи сè што е во негова моќ да обезбеди мнозинство за состав на новата влада, но власт не по секоја цена. Надежите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прави коалиција со Левица, со чии двајца пратеници би имала 46 мандати , исто колку што има СДСМ со БЕСА , паднаа во вода.

За коалиција која ќе му донесе министерско столче не се пазари Левица.

Димитар Апасиев, лидерот на „Левица“, по освојувањето на два пратенички мандати за медиумите изјави дека нема да преговара за формирање на Влада со ниту една опција.

– Нашата цел на овие избори беше Собранието, а не Владата. Целта е постигната. Нашите двајца пратеници ќе повлечат двоцифрена бројка пратеници на наредните избори, кои пак ќе бидат предвремени. Е, дури тогаш можеме да бидеме клучен фактор за таа нова влада. Сега, со двајца пратеници, доколку би оделе во која било влада само за да бидеме во власта – тоа би било класично „шиткање“. Затоа, нашите планови се подолгорочни, а не од денес за утре. Така што, во овие околности, најверојатно е дека ќе дејствуваме како парламентарна опозиција, без оглед кој би формирал влада, вели Апасиев.

За формирање на Влада на новиот мандатар ќе му бидат потребни најмалку 61 глас. Конститутивната седница, согласно Уставот, треба да се одржи најдоцна до 4 август.