Пендаровски се откажа од државната пензија, ќе заработува како универзитетски професор

31

Поранешниот претседател, Стево Пендаровски, се откажа од правото на користење државна пензија, како што вети уште пред пет години, кога беше избран за шеф на државата. Доскорешниот претседател одлучил да ѝ се врати на академската кариера, како професор на универзитет. Претставници на Министерството за внатрешни работи ќе продолжат да го обезбедуваат поранешниот претседател во согласност со безбедносните проценки што ги прават, потврдиле од неговиот кабинет за МИА. Пендаровски ќе користи и канцеларија со тројца вработени од својот поранешен кабинет.

– Во однос на административната и логостичка поддршка, која му е потребна за средбите со поранешни и актуелни државници и за учество на меѓународни конференции, претседателот Пендаровски побара од државните институции повремено да користи канцеларија. Бидејќи не постојат таква пракса и законски основ, Пендаровски во иднина ќе го искористи правото да отвори канцеларија, каде што тројца од сегашните вработени во Кабинетот ќе бидат ангажирани во поддршка на тие активности на поранешниот претседател – соопштија од Кабинетот на сега веќе експретседателот.

Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство, Пендаровски има право на пензија, чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима шефот на државата, на канцелариски простор со најмногу тројца стручни соработници, лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач согласно со прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи.

Правата што произлегуваат од највисоката државна функција ги користат поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.