Застрашувачки снимки од Рафа предизвикаа реакции ширум светот: „Лузна на лицето на човештвото“

303
EPA-EFE/HAITHAM IMAD

Најмалку 35 лица загинаа во неделата во израелски напад врз камп за раселени лица во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, соопштија властите во Газа. Иако израелската војска тврди дека го погодила комплексот на Хамас во областа, при што загинале двајца високи функционери на Хамас, израелскиот воен обвинител рече дека се истражува „многу сериозен“ инцидент во Рафа.

Фотографиите и видеата кои доаѓаат од бомбардираната област се застрашувачки, а реакциите доаѓаат од целиот свет.

Поранешниот портпарол на УНРВА, Крис Ганис, за АЛ Џезира изјави дека е „трагедија“ што стотици илјади Палестинци мислат дека можат да најдат засолниште „под светло синото знаме на ОН“ во Рафа.

По синоќешното бомбардирање на шаторскиот камп, тој рече дека тројцата судии во предистражниот совет на Меѓународниот кривичен суд (МКС) биле „згрозени како и остатокот од светот поради овие напади“.

„Сега гледаме јасно кршење на Конвенцијата за геноцид. Нема исклучок од Конвенцијата за геноцид. Нема оправдувања. Ова е злосторство над злосторствата“, рече тој.

Извештаите за напади врз семејства кои бараат засолниште во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа се „ужасни“, соопшти УНРВА.

„Информациите што доаѓаат од Рафа за понатамошни напади врз семејства кои бараат засолниште се ужасни“, напиша УНРВА на Х.

Глобалната хуманитарна група ActionAid соопшти дека е „огорчена и скршена од неодамнешните напади во западниот дел на Рафа, каде што израелските воени авиони лансираа осум проектили врз импровизирани засолништа за внатрешно раселените лица до магацините на UNRWA каде се наоѓа витална помош.

„Фотографиите на изгорени тела кои доаѓаат од нашите партнери се лузна на лицето на човештвото и на глобалната заедница која досега не успеа да ги заштити жителите на Газа. Еден од нашите колеги од ActionAid за влакно го избегна ова злосторство, оставајќи го засолништето само еден ден пред нападот. Но, ничија безбедност не е загарантирана во Газа“.

Министрите за надворешни работи на Шпанија, Норвешка и Ирска – трите земји кои официјално ќе ја признаат Палестина како држава во вторник – исто така го осудија нападот. Ирскиот министер за надворешни работи го оквалификува синоќешниот напад врз шаторскиот камп во Рафа како „варварски“.