Во Македонија исчезнуваат по 10 деца годишно, во светот на секои 40 секунди исчезнува по едно дете!

130

Министерството за внатрешни работи ќе биде дел од кампањата „Амбер Алерт Европа“, која има за цел да ја подигне јавната свест за брзата реакција во случај на пријава за исчезнато дете, а која ќе биде активна во 16 држави и на 14 јазици по повод Меѓународниот ден на исчезнати деца.

Кампањата го носи слоганот „Проверете. Размислете. Пријавете“, а учесниците во неа велат дека оваа иницијатива насочена кон родителите и негувателите, овозможува сеопфатни совети „чекор-по-чекор“ што да прават во случај на исчезнато дете.

Годишно, илјадници семејства низ  светот ја доживуваат траумата од исчезнато дете.

Па затоа заедничкиот став е дека во такви моменти, информираноста какви чекори да се преземат е многу важна. Европски центар за исчезнати деца е фондација која се стреми да ја унапреди заштитата на исчезнати деца и да превенира исчезнување на деца преку нивна едукација и создавање свест за темата.

„Амбер Алерт Европа“ поврзува експерти од над 45 владини организации, попрецизно министерства за внатрешни работи и полиции и невладини организации од 28 земји со крајна мисија нула исчезнати деца во Европа.

Наташа Доковска од Новинари за човекови права, невладина организација, која е дел од мрежата на НВО под капата на „Амбер Алерт Европа“, вели дека кај нас, неофицијално, исчезнуваат околу 10 деца годишно, но во Европа е многу повеќе, односно 20 000 деца дневно низ цел свет, во Европа во просек 3.000 деца дневно. Тоа значи дека во светот на секои 40 секунди исчезнува по едно дете, најмногу во САД.

Доковска појаснува дека со Амбер Алерт системот ќе ги ангажира сите институции да се вклучат во потрагата.

-Фотографија на исчезнатото дете ќе се појавува во банки, на банкомат кога ќе сакате да извадите пари, во такси компании, јавниот градски превоз, мобилен оператор, на рецепција во хотелите ќе стигне фотографија од исчезнатото лице… објаснува нашата соговорничка.

На Меѓународниот ден на исчезнати лица, Новинари за човекови права сакаат да ја истакнат важноста на едукацијата и подигнувањето на свеста за исчезнати деца, преку рамките на Амбер Алерт системот за рано предупредување.

-Како НВО, заедно со нашите партнери од АМБЕР Алерт Европа, мрежата на НВО и Меѓународната мрежа на исчезнати лица, се стремиме кон зајакнување на јавната свесност и обезбедување на брзи и ефикасни реакции во случаи на исчезнати деца. Во рамките на нашата кампања, која започнува денеска ќе се споделуваат пораки од активисти од сите членки на овие мрежи. Ова е од клучно значење за поддршка на заедниците и обезбедување на брза реакција во критични моменти. Заеднички, можеме да направиме разлика и да обезбедиме побезбедна иднина за нашите деца, вели Доковска и ги повика сите граѓани, организации и институции да се приклучат кон оваа иницијатива и да придонесат кон подигнување на свеста за оваа важна тема. „Заедно можеме да направиме светот подобро место за нашите најмлади. Секој исчезнато дете е наша одговорност“.

Во САД, „Амбер Алерт“ во САД функционира од 1996 година. Именуван е по деветгодишно девојче од Тексас, Амбер Хагерман, која била киднапирана додека возела велосипед, а потоа и убиена. Случаен минувач, шетајќи го кучето го нашол телото на Амбер пет дена подоцна, фрлено во поток, на помалку од 10 километри од паркингот каде што Амбер била киднапирана. Системот се користи во повеќе европски држави – Белгија, Чешка, Франција, Германија, Грција, Малта, Ирска, Полска, Бугарија, Италија, Холандија, Бугарија… Кај нас се актуализираше со исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, кои после неколкудневна потрага беа пронајдени мртви.