Поскапуваат влезниците за Ајфеловата кула, се собираат пари за реконструкција

51

Со цел да се соберат повеќе пари за итна реставрација, парискиот градски совет гласаше за зголемување на цената за влез во Ајфеловата кула. Од следниот месец, билетите за возрасните ќе поскапат за 20 отсто.

За да се возат со лифт до врвот на кулата посетителите во моментов треба да издвојат 29,40 евра, но, според одлуката на градските советници од 17-ти месецов цената ќе се зголеми на 35,30 евра.

Градскиот совет на Париз, исто така, ја поддржа докапитализацијата на операторот на Ајфеловата кула Сете и ја намали годишната такса што ја наплаќа од операторот за управување со една од најпознатите туристички атракции во светот.

Помалку посетители за време на пандемијата „Ковид-19“, во комбинација со вртоглавите трошоци за реновирање, ја турнаа Сете длабоко во црвено, објави француската новинска агенција АФП.

За време на пандемијата, кулата забележа загуба на приход од околу 120 милиони евра во 2020 и 2021 година. Минатата година, бројот на посетители се врати на речиси шест милиони, откако падна на само 1,5 милиони во 2020 година.

Откако е изградено за Светскиот саем во 1889 година, ремек-делото на архитектот Густав Ајфел е бојадисано 19 пати. Во тоа време, Ајфел препорачал кулата да се пребојува на секои седум години за да се избегне неизбежната ‘рѓа. Сепак, железната конструкција висока 300 метри не е целосно обоена од 2010 година.

Лошата финансиска состојба на познатата кула дополнително ја влошија неодамнешните штрајкови на незадоволните работници на кулата поради ниските плати и условите за работа.