За една недела 43 случаи на голема кашлица, досега вкупно 216, најмногу во Скопје

Во градинките од денеска се примаат деца со три дози ди-те-пер вакцина

162

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 8 до 14 март се регистрирани нови 43 случаи на голема кашлица, со што бројот на заболени достигна 216. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 190 или 88 проценти. Останатите се други општини и тоа: осум лица се од Тетово, петмина живеат во Куманово, во Гостивар три и по еден случај е регистриран од Струга, Струмица, Дебар, Крива Паланка, Битола, Кавадарци и од Кочани

 

 

Расте бројот на случаи со голема кашлица и веќе надмина над 200. Во текот на денешниот ден во градинките низ земјава се примаа вакцинирани деца со три дози вакцина ди-те-пер, која штити од голема кашлица – пертусис. По препорака на Комисијата за заразни болести, во петокот на 15 март годинава, со одлуката што ја донесе министерот за здравство Илир Демири се овозможи децата со три дози да одат во градинка, под услов за шест месеци да ја примат ревакцината.

Од 15 март во државава се достапни и вакцини против пертусис и за возрасни и како што информираше Министерството за здравство граѓаните  можат да се  обратат во вакциналните пунктови. Но во текот на вчерашниот ден вакцините сè уште не беа дистрибуирани, бидејќи не беше завршена стандардната контролата од страна на Агенцијата за лекови МАЛМЕД.

Државниот санитарен здравствен инспекторат (ДСЗИ) минатата недела изврши стотина вонредни инспекциски надзори низ градинки во кои, како што информираше директорката Рената Младеновска, утврдено е дека се почитува решението за забрана за прием на нецелосно или делумно вакцинирани деца. Инспекторите согледале дека во Скопје околу 50 отсто од децата што одат во градинка не се целосно имунизирани, а во внатрешноста на земјата, значително е повисок процентот на вакцинирани и изнесува над 95 проценти.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ),  кои што се однесува за периодот од 8 до 14 март се регистрирани се уште нови 43 случаи на голема кашлица, со што вкупниот бројот на заболени достигна 216.

-По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 190 или 88 проценти во четиринаесет различни општини, осум лица се од Тетово, петмина живеат во Куманово, во Гостивар три и по еден случај е регистриран од Струга, Струмица, Дебар, Крива Паланка, Битола, Кавадарци и од Кочани – се вели во неделниот извештај на Институтот.

Анализата на ИЈЗ  на неделно ниво покажала дека возраста на заболените се движи од 0 до 40 години, а најголем број случаи се од возрасните групи деца од 10 до 14 години.

Од новите 50 случаи, 5 случаи или 10% се хоспитализирани. Од нив четири  деца на возраст под 1 година и едно од возрасната група од 1-4 години. Доколку се анлаизира од првиот случај на голема кашлица до сега, заболените лица се на возраст од 1 месец до 78 години.

– Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години (25,5%), односно 30 случаи (13,9%) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 25 (11,6%) се деца на возраст од 1 до 4 години, а во возрасната група 10-14 години се пријавени 54 случаи (25,0%). Од вкупниот број регистрирани случаи (216), 122 случаи (односно 5,05%) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација-информираат од ИЈЗ и дополнуваат дека од заболените, регистрирани се 36 лица со хоспитализација (16,7%) и тоа 31 (86,1%) од нив на возраст до 4 години.

Од доставените податоци од Центрите за јавно здравје, пронајдени се 7.702 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 3.328 (43,2%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина 1.705 деца или тоа е 51,3%. Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 9.451 дете на возраст до 7 години, а најголем број и процент 4.905 што е  51,9% од вакцинираните примиле прва или втора доза на ревакцина.

Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како  прва, втора и трета доза во периодот од 18. 1 до 14. 3. 2024 изнесува 12.779.

(В.Ма.)