„Центарот за македонски јазик ќе биде наш заеднички паметник, за кој до крајот на наредната 2025 година со задоволство ќе речеме: ‘Аманетот го исполнивме’“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, при вчерашната посета на старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно. За негова реконструкција и комплетна адаптација во центар за промоција на македонскиот јазик, од буџетот на Министерството за култура во 2024 и во 2025 година ќе бидат издвоени 32,8 милиони денари

Старото и руинирано училиште во Љубојно до крајот на 2025 ќе биде реконструирано и адаптирано во центар за промоција на македонскиот јазик. Ова го најави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која вчера, заедно со Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и проф. д-р Елизабета Бандиловска, член на Советот за македонски јазик, го посетија објектот во кој на 15 ноември 1945 година е одржан првиот час на македонски јазик. Иницијативата за негова реконструкција и адаптација во центар за промоција на македонскиот јазик е на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Битола.

Според Костадиновска-Стојчевска, во изминатиот период, стручните тимови од оваа установа работеле со надлежните институции на реализирање на неопходните чекори за остварување на визијата за модерен центар за промоција на Љубојно, на Преспа и на македонскиот јазик и идентитет.

„Со изградба на центарот за промоција на македонскиот јазик, ја искажуваме нашата почит кон сите учители и ученици што се образовале на ова место, уште од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Го исполнуваме долгот за зачувување и на архитектонското наследство што, како вреднос,т го има ова старо училиште во историјата на македонската уметност, како и долгот кон просветителската и општествената улога што ги има училиштето за едукација на македонскиот народ“, истакна министерката Костадиновска- Стојчевска.

Владата, на седница во јануари лани, донесе одлука старото училиште „Димитар Влахов“ во селото Љубојно да се адаптира во центар за промоција на македонскиот јазик.

„По завршувањето на сите неопходни постапки и обезбедени дозволи, убавото време ни овозможува да започнеме со работа и реализација на овој проект, кој е од исклучително национално значење. Во овој момент, се вршат подготвителните работи, а веќе од следната недела се започнува со поинтензивна работа, согласно со предвидениот план и динамика. Владата, преку Министерството за култура, обезбеди финансиски средства за реконструкција на овој објект, кој претставува интегрален дел на заштитената споменичка целина – с. Љубојно“, посочуваат од Заводот и музеј Битола.

Министерката Костадиновска-Стојчевска потсети дека проектот почнал со прогласување на селото Љубојно за заштитна споменична целина, по што биле изработени сите елаборати и проекти за да се добие градежна дозвола и за да може да почне градбата.

„Центарот за македонски јазик ќе биде наш заеднички паметник, за кој до крајот на наредната 2025 година со задоволство ќе речеме: ‘Аманетот го исполнивме’“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, пак, кажа: „Очекувам возобновениот центар за промоција на македонскиот јазик да e место кое ќе го посетуваат младите луѓе од дијаспората, кои ќе го изучуваат македонскиот јазик. Но, очекувам овој центар да изврши голема улога и во зајакнувањето на билатералните и на трилатералните односи со соседните држави, Албанија и Грција, да биде мост што ќе ги обединува овие три држави“.

За реконструкција на старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно и за негова комплетна адаптација во центар за промоција на македонскиот јазик, од буџетот на Министерството за култура во 2024 и во 2025 година ќе бидат издвоени 32,8 милиони денари. (Д.Т.)