За еден месец, на подрачјето на Националниот парк „Шар Планина“ изгореле над 400 хектари, а од тоа, најголема површина е зафатена во само два пожара над селото Селце, кои траеја шест дена. Како што информираа од НП „Шар Планина“, за гаснење на пожарите била потрошена симболична сума од 80 илјади денари, но сè уште не се пресметани штетите од изгорената дрвна маса.
– Зимата е пократка, летото е подолго и симптоматично е што се појавуваат пожарите со поголем интензитет и почесто. Очигледно е дека се менуваат условите, а за справување со вакви екстреми немаме модел, затоа што се потпираме на искуство. ЈУНП „Шар Планина“ е релативно нова институција и токму на самите почетоци е вистинско време да се приспособиме да не се фокусираме само на досегашните искуства туку да се фокусираме и на тоа што може да се случи – изјави на прес-конференција директорот Ибрахим Дехари.
Од Шумарската служба на САД во тек е обука на нашите служби за справување со шумските пожари.
– Шумарската служба на Соединетите Американски Држави има повеќе од 100-годишно искуство во справувањето со шумските пожари и на Шар Планина е веќе една недела. Група експерти ни помагаат да воспоставиме систем на ефикасно справување со пожарите на територијата на Паркот, преку подготовка на план за справување со пожарите и интензивна теоретска и практична обука за сите вработени. Обуката се однесува на протоколарно постапување при инциденти, планирање и тактики за справување со пожарите на отворено, комуникација, употреба на алати, следење на временската прогноза, како и безбедност при работа. На обуката учествуваа и претставници на ЦУК, ДЗС и Противпожарната територијална единица од Гостивар, како и неколкумина локални волонтери, со цел да се зајакне меѓуинституционалниот пристап при справувањето со вакви катастрофи – рече Дехари.
Тој истакна дека со помош на неколку различни донатори, нашите институционални капацитети се подобруваат.
– Така и последната донација од пумпа и десет противпожарни комплети облека, рачен алат и една грбна дувалка, добиена од ОБСЕ, ни е од огромна важност за поефикасно и побезбедно справување со пожарите. Шумските екосистеми обезбедуваат услуги за природата и за општеството, ја регулираат климата преку апсорпција на јаглеродот, ги поддржуваат биолошката разновидност и живеалиштата, вршат регулација на водите и спречување поплави и ерозија, обезбедуваат ресурси како дрво и лековити растенија, можности за рекреација, културни и духовни вредности и даваат придонес за квалитетот на воздухот и на водата – посочи Дехари.
Од НП „Шар Планина“ потсетуваат дека е забрането палење оган на отворен простор во шума и на друго земјиште, на растојание најмалку од 200 метри од работ на шумата, како и на законските последици со кои можат да се соочат граѓаните и правните лица.