Одржување стабилен кус на денарот и сигурен банкарски систем – цели на тригодишната Стратегија на НБ

124

Советот на Народната банка денеска одржа редовна седница на која ги донесе Стратегискиот план и Програмата на истражувачката активност на централната банка за периодот 2020-2022 година.

Стратегискиот план,како што соопштуваат од Народната банбка, за следниот тригодишен период содржи единаесет стратегиски цели што јасно ја изразуваат определбата на Народната банка за одржување ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, како и определбата за одржување стабилен и сигурен банкарски систем, што е и основен предуслов за финансиска, а со тоа и за макроекономска стабилност и за остварувањето одржлив економски раст на земјава.

-Имајќи го предвид динамичното и променливо окружување, во рамките на Стратегискиот план се разработени основните предизвици во работењето на централната банка, како и најважните точки на делување во наредниот тригодишен период. Меѓу другото, предвидени се и активности за развој на пазарот на платежни услуги, а одделно се и активностите и за натамошно обезбедување квалитетни статистички податоци, целосно усогласени со меѓународните и европските статистички стандарди. Преку одделна стратегиска цел се опфатени и активностите за подготовка на Народната банка за приклучување и членство во Европскиот систем на централни банки. Утврдените стратегиски цели се основа за изработка на плановите на организациските единици и програмата за работа на централната банка за следната година, стои во соопштението од Народната банка.

Со донесената Програма за истражувачка активност е предвидено и во периодот 2020-2022 година, истражувачката активност на Народната банка да биде насочена кон областите што се од значење за остварувањето на основните цели и задачи на централнобанкарското работење во земјава.

Заради натамошно унапредување на системите на деловните банки во земјава за управување со ризиците, Советот, како што информираат, донесе и нова Одлука за методологијата за управување со ризиците, што ќе се применува од крајот на оваа година. Најзначајните новини коишто се воведуваат со Одлуката се однесуваат на зајакнување на барањата за ефикасно управување со ризиците, воведување обврска за банките да ја дефинираат и да ја следат интерната ликвидност и зајакнување на барањата за известување на Народната банка. На седницата е истакнато дека се очекува дополнителен придонес од воведените новини за зголемување на стабилноста на банкарскиот систем, како и за прудентноста во неговото работење.

На седницата, Советот ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка, како и Одлуката за изменување на Одлуката за издавање дозвола и согласност за вршење услуга брз трансфер на пари.