„Денешниот отворен час е показ и патоказ за идните генерации, затоа што Конески е народен мислител и мудрец и нека биде светилник при разни премрежиња во општествениот и културниот живот кај нас, за да го продолжиме нашиот идентитет и континуитет. Неговото дело е тестаментално и неговата порака дека јазикот е единствената наша татковина е аманетот за сите генерации“, посочи меѓу другото Атанас Конески, секретар на КЕЦ „Небрегово“ на вчерашниот „Отворен час за бесмртниот Конески“, настан кој се одржа кај споменикот на великанот пред МАНУ во Скопје.  На настанот, на кој учествуваа ученици, студенти, професори и други почитувачи на Блаже Конески, беа рецитирани и лични поетски творби од учесници на конкурсот „Конески е бесмртен“

„Блаже Конески е бесмртен, а славата на бесмртните е бесконечна. Ним треба секогаш да им се одолжуваме“, истакна Атанас Конески, секретар на Културниот и едукативен центар „Небрегово“, на вчерашниот „Отворен час за бесмртниот Конески“, настан кој се одржа кај споменикот на овој македонски великан пред Македонската академија на науките и уметностите во Скопје. Поводот, пак, беше 30 години од физичкото заминување на македонскиот писател, лингвист и историчар.

Според Атанас Конески, токму овие манифестации иницираат нови проучувања и вреднувања, што е мотив и за идните генерации, бидејќи Конески е, како што вели, нашето минато, сегашност и иднина.

„Денешниот отворен час е показ и патоказ за идните генерации, затоа што Конески е народен мислител и мудрец и нека биде светилник при разни премрежиња во општествениот и културниот живот кај нас, за да го продолжиме нашиот идентитет и континуитет. Тој е светилник, а неговото дело е тестаментално и неговата порака дека јазикот е единствената наша татковина е аманетот за сите генерации“, посочи меѓу другото на отворањето на настанот Атанас Конески.

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, пак, во своето обраќање пред присутните се осврна на зборовите на великанот „…Конески рече дека не постојат мали и големи јазици, и дека не постојат и мали и големи култури, туку дека постојат само мали и големи души. И во тој контекст, чинам дека таа порака е една од оние што Конески ни ги остави како тестамент – и понатаму да пишуваме на овој ‘мал јазик’. Затоа што неговата порака дека не сакал да ја изневери својата генерација треба да биде исто толку битна и за нас. И ние не смееме да ја изневериме својата генерација. И младите македонисти не смеат да ја изневерат својата генерација. И генерациите по нас не смеат да ги изневерат своите генерации. Треба да продолжиме да пишуваме на македонски!“.

Како што истакна Мојсова-Чепишевска, самиот Конески уште во почетокот на својот текст, објавен како последен во текот на неговиот физички живот – „Пишувањето на ‘мал’ јазик“, напоменал: „Повеќе од половина век јас пишувам песни на јазик на еден народ што го сочинуваат околу два милиона луѓе. Да биде мојата позиција уште поранлива, јазикот на којшто пишувам, македонскиот, е кодификуван допрва во 1945 година и јас лично сум зел извесен удел во тој чин, за потоа пак во текот на неколку децении да му се посветам како славист на изучувањето на историјата и современата состојба на својот мајчин јазик. Но не треба да го скријам ни тоа дека за сето тоа време на мојата литературна и научна дејност од некои центри на моќ на Балканот ни се оспорува правото да пишуваме на свој јазик и да се сметаме за современа народна заедница…“.

Мојсова-Чепишевска во својот текст додаде и дека денес, не смееме да го изневериме аманетот оставен од Конески, во време за кое тој нè предупреди дека треба да бидеме на штрек…

„И не само неговите последни текстови, туку севкупното дело на Конески треба да го читаме и вреднуваме како тестамент во кој е запишано завештанието како да ги чуваме и развиваме и севкупната македонска култура и самата Македонија. И да го доисчитаме, бидејќи иако сите мислиме дека го читаме неговото творештво и пишуваме за Конески, мислам дека сè уште не го познавме доволно. Никој од нас, барем оние кои сме современици на децениите на XXI век не го познава Конески целосно, туку познаваa само едно делче од него. Треба уште многу да сториме за да го спознаеме колку што заслужува“, истакна Мојсова-Чепишевска.

На настанот на кој учествуваа ученици, студенти, професори и други почитувачи на Блаже Конески, беа рецитирани и лични поетски творби од учесници на конкурсот „Конески е бесмртен“ од ученици од ОУ „Блаже Конески“, гимназијата „Јосип Броз Тито“ и гимназијата „Никола Карев“ од Скопје, од каде што имало и најмногу учесници на сите конкурси досега.

Атанас Конески, секретар на КЕЦ „Небрегово“ кое е и организатор на настанот, додаде дека само низ креативен ангажман на ученици, наставници, професори, научници и сите други почитувачи може да се потврди дека го цениме ликот и делото на бесмртниот Блаже Конески.

На настанот присуствуваше и академик Сашко Кедев, кој беше во тимот на професор Лазар Србиновски, тогашен директор на Клиниката за кардиологија при последните денови од животот на Блаже Конески, кој почина на 7 декември 1993 година.

Освен пред споменикот на Блаже Конески кај МАНУ во Скопје, каде што беше положено свежо цвеќе, 30 години од физичкото заминување на македонскиот писател и лингвист се одбележа и пред споменикот на Блаже Конески, кај Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.  (Д.Т.)                        Фото: Ѕ. Плавевски