Ново обвинение за Рамиз Мерко за незаконско назначување директори на училишта

64

Основното јавно обвинителство Струга поднесе два обвинителни предлози за кривични дела – Несовесно работење во службата од 353-в и продолжено кривично дело – Фалсификување исправа според член 378 од Кривичниот законик, а поврзани со работата на училишта на територијата на општина Струга.

Во првиот предмет обвинети се четири лица. Првообвинетата – наставник по француски јазик во основно училиште во Велешта употребила три лажни јавни исправи како вистинити, кои ги искористила за полагање стручен испит во Државниот испитен центар. Останатите тројца – градоначалник на општина Струга, директор и помошник-директор на училиштето ги прифатиле фалсификуваните документи во постапката за полагање стручен испит, вработување како наставник, но и за назначување на првоосомничената за в.д. директор на училиштето во периодот од 19.04.2022 до 06.09.2023 година.

Во вториот предмет, обвинет е градоначалникот на општина Струга за кривично дело – Несовесно работење во службата од 353-в, бидејќи донел решение со кое за в.д директор на основно училиште во селото Подгорци именувал лице кое не ги исполнувало условите, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа, како што е предвидено во Законот за основно образование. Иако не ги исполнувало условите, лицето ја извршувало директорската функција во периодот од 11.11.2022 до 25.04.2023 година.