Лицата со попреченост да го користат бесплатниот транспорт до здравствените установи!

55

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повикува граѓаните со попреченост да ја користат услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи за што општината има потпишано Меморандум за соработка со Црвен крст.

Станува збор за бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот крст за корисници над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни).

За оваа услуга општината има издвоено 500.000 денари од сопствениот буџет, со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните кои имаат најголема потреба за тоа. Оваа услуга само за еден месец ја искористиле 42 граѓани. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски упатува апел до граѓаните кои ги исполнуваат условите да го закажат својот бесплатен превоз до потребната болница.

– Бесплатниот превоз до болниците верувам дека е големо олеснување за семејствата и корисниците кои не се во можност често да ги користат здравствените услуги. Ова е исклучително важна мерка особено за лицата кои немаат помагала или не се во состојба да се движат. Затоа, доколку корисникот е подвижен, превозот ќе биде реализиран со мало наменско возило на Црвениот крст, а доколку тој е неподвижен превозот ќе се спроведе со специјално наменско возило – објасни Герасимовски.

Бесплатниот транспорт граѓаните мора да го закажат минимум 24 часа однапред, јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на Црвениот крст или секој работен ден од 6 часот до полноќ.

– Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација од 8:00 до 16:00 часот. И еден корисник бесплатниот превоз во еден правец може да го користи максимум 10 пати во текот на една година, но доколку имаат потреба од повеќе, истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст – потсетува Герасимовски.

Тој ги наведе и другите проекти кои се реализираат во општината, меѓу кои: едукативните работилници и обуки за давање прва помош со кои воспитувачите, негувателите, наставниците, осмоодделенците и другиот стручен кадар во детските градинки и училиштата се здобија со знаења и вештини за соодветно и навремено постапување во ургентни ситуации, односно давање на прва помош, пред се, на децата. Потоа, едукативните работилници преку кои децата од возрасните групи од сите градинки и клонови се здобиваат со знаења во врска со здравите навики и одржувањето на личната хигиена како и многуте реализирани крводарителски акции за обезбедување крвни компоненти за потребите на здравствениот систем.

(А.П.)