Хамас апелираше да престане испраќањето помош за Газа по воздушен пат

105
Фото: EPA-EFE

Палестинското исламистичко движење Хамас, кое владее со Појасот Газа, денеска апелираше до странските земји да престанат да фрлаат помош за Газа од авион, бидејќи официјални лица и хуманитарни работници соопштија дека 18 лица загинале обидувајќи се да пресретнат пакети со храна на северот од територијата.

Наместо тоа, Хамас бара Израел да дозволи повеќе камиони со помош да влезат во опколениот Појас во време кога ОН предупредуваат дека населението таму е на работ на глад поради израелската блокада.

Борбите во Газа продолжуваат со несмалено темпо еден ден по усвојувањето на првата резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се бара „итен прекин на огнот“ во најкрвавата војна во Газа предизвикана од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври минатата година.

Јордански, американски и други авиони фрлаат храна со падобран, иако официјални лица и агенции на ОН предупредија дека таквата помош е далеку од доволна за да ги задоволи потребите на 2,4 милиони луѓе и е многу понеефикасна од копнената испорака.

Јордански, египетски, емиратски и германски авиони денеска повторно со падобрани исфрлаа храна и друга помош од авионите, а Палестинците трчаа да ја фатат.

При вакви испораки шест лица загинаа во грабеж, а 12 се удавија во Средоземното Море – соопштија од владата на Хамас и Евро-медитеранскиот монитор за човекови права со седиште во Швајцарија.

Во соопштението Хамас побара таквите операции веднаш да престанат и итно и брзо да се отворат копнените премини за да се овозможи хуманитарна помош да стигне до палестинскиот народ.

Детскиот фонд на ОН, УНИЦЕФ, процени дека многу повеќе помош мора брзо да се достави до Газа по копно наместо по воздушен или морски пат за да се спречи неизбежен глад.

Портпаролот на фондот, Џејмс Елдер, преку видео-врска од Газа пренесе дека пакетите со помош се фрлаат со падобран од авиони во изолирани области, кога нема друг начин, и дека сега помошта е на дофат на Газа, во Египет, на неколку километри. од нејзината јужна граница.

„Мораме да ја користиме патната мрежа“, рече Елдер.

По речиси шест месеци, израелската армија ја продолжува борбата против Хамас без знаци на попуштање и денеска беше објавено дека воени авиони нападнале повеќе од 60 цели, вклучително и тунели и згради каде што „биле забележани вооружени терористи“.

Министерството за здравство на Хамас соопшти дека рано утринава загинале 70 луѓе, од кои 13 во воздушни напади околу градот Рафах во јужниот дел на Газа.