Со блокирањето на проектот за брза пруга меѓу Белград и Будимпешта, Европската Унија го разниша столбот на железничкиот сообраќај на Западен Балкан. Тоа е мегапроект за брза линија меѓу Будимпешта и Атина, во вкупна должина од 1.512 километри. Дел од неа оди преку територијата на Македонија и треба(ше) да овозможи излез на сите земји од тој дел на Балканот кон Централна и кон Западна Европа.

– Европа го блокираше големиот проект на Александар Вучиќ и на Виктор Орбан, брза пруга меѓу Белград и Будимпешта. Во Унгарија, за ова се зборува долго време, но сега во Србија станува сè појасно дека нивната модерна железничка линија, која со полна брзина напредува од Белград кон север, би можела да заврши среде Војводина – пишува Нова.рс.

Сериозни индиции дека постои проблем се појавија есента 2023 година, кога унгарските медиуми објавија дека кинеските изведувачи не можат да градат согласно со европските стандарди.

– Во февруари, пристигна информацијата дека дел од работите кај Будимпешта се прекинати. Работите беа практично само во предградијата на главниот унгарски град. На српскиот дел од делницата се работи многу – забележува порталот, но тешко дека наскоро ќе се остварат најавите за дво и полчасовно патување меѓу двата главни града – пишува Нова.рс.

Според српскиот портал, наводно Кинезите се откажуваат од проектот, а незадоволни се и Унгарците.

– Проблемот е што кинеските градежници не знаат како да го имплементираат европскиот систем за осигурување и контрола на возовите. Наводно, германски компании им понудиле помош за тој дел од работата, но Пекинг одбил. Унгарските власти не даваат изјава, но медиумите пренесуваат стравувања во јавноста дека Унгарија ќе остане во сообраќајниот метеж во Европа поради проектот. Кинезите би можеле да го завршат проектот користејќи ги своите стандарди и да ја стават во функција пругата со поврзување на делницата во Србија, но таа траса не би можела да се поврзе со остатокот од европската мрежа. Ова е причината зошто ЕУ може да се сврти кон маршрутите преку Словенија и Хрватска – наведува порталот.

Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, минатиот месец потсети дека е завршена 76-километарската брза пруга меѓу Белград и Нови Сад, а во тек е изградбата на 108-километарската пруга меѓу Нови Сад и Суботица и дека Унгарија ќе ја заврши својата пруга до Будимпешта, во должина од 166 километри, до крајот на 2026. Тој истакна дека брзата пруга од Будимпешта до Белград ќе се користи веќе во 2027 година.

Македонија и Србија потпишаа меморандум за брзата пруга, дека заеднички ќе бараат пари пред Европската Унија. Од српска страна, работите на пругата кон Македонија напредуваат.

– Дополнително, почнуваме да градиме брза пруга до Ниш, во должина од 230 километри, за што веќе годинава ќе ги распишеме првите тендери. Градиме пруга до Брестовац, 23 километри, имаме 135 километри до Прешево, а за Македонците 50 километри до Скопје – рече Весиќ.

Тој изјави дека Грците веќе имаат пруга од Атина до Солун, за чија реконструкција сега инвестираат од 300 до 500 милиони евра и дека по договор на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, најавиле дека ќе изградат 76 километри пруга од Солун до Идомени, односно до границата со Македонија.

– Останува да се заврши делницата од Скопје до Идомени и да имаме 1.512 километри брза пруга што ќе ги поврзува Будимпешта и Атина, преку Суботица, Нови Сад, Белград, Ниш, Скопје и Солун – рече Весиќ и посочи дека во март ќе се одржи средба во Белград, чиј домаќин ќе биде, дека на неа ќе присуствуваат министрите за транспорт на Унгарија, Грција и на Македонија и дека на неа ќе разговараат за сите оперативни обврски за да може да се заврши заедничката работа што е можно поскоро.

(С.Бл.)