Од вкупно 409 приговори до снабдувачите на топлинска енергија, дури 312 се од категоријата Домаќинства. Најмногу, или 158 приговори се однесуваат на недоставена фактура, висина на фактура, начин на пресметка… Приговорите до снабдувачи на електрична енергија од страна на домаќинствата достигнале 6.344, а се однесуваат главно за прашања поврзани со договори и продажба

 

До Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) минатата година најмногу приговори биле пристигнати за фактурите за топлинска енергија, како и за прашања поврзани со договори и продажба на електрична енергија. Според Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2023 година, најмногу од приговорите се од домаќинствата.

Така, од вкупно 409 приговори до снабдувачите на топлинска енергија, дури 312 се од категоријата Домаќинства. Најмногу, или 158 приговори се од групата Д и се однесуваат на недоставена фактура, висина на фактура, начин на пресметка, висина на долг, пресметана камата, тужби, промена на потрошувач, промена на начин на плаќање, плаќање на рати, спогодби, двојно платени сметки и сл.

Шеесет и пет приговори се премер на квадратура, инсталирана/ангажирана моќност, проверка на статус исклучен/вклучен, испуштање вода, промена на дијаграм на ниво на мерно место, премер на доградби, начин на пресметка и распределба на енергија на мерно место, барање за приклучување и исклучување и сл. Додека само 58 приговори се за квалитет на греење (пониска температура кај потрошувачот од пропишаната и сл.).

– Во споредба со 2022 година, евидентно е намалување на бројот на вкупно поднесени приговори за 31 процент. Ваквата распределба на приговорите е со тренд на намалување во однос на 2022 година, кога 55,31% од вкупно поднесените приговори се однесувале на приговори од групата Д, а 32,04% од вкупно поднесените приговори се однесуваат на приговори од групата Ѓ (нелојални комерцијални услови/промена во комерцијалните услови, недостаток на информации, потврда на договор, право на повлекување од договор, плаќање, влошување на услови за договор, минимален период за остварување договор, друго) – се нотира во Извештајот.

Приговорите до снабдувачи на електрична енергија, пак, се неспоредливо повисоки. Од страна на домаќинствата биле примени 6.344 приговори, одобрени 2.207, а одбиени 4.137.

– Врз основа на податоци и информации, добиени од универзалниот снабдувач со електрична енергија, домаќинствата во текот на 2023 година поднесувале приговори и тоа единствено од типот А, односно за прашања поврзани со договори и продажба (нелојални комерцијални услови/промена во комерцијалните услови, недостаток на информации, потврда на договор, право на повлекување од договор, плаќање, влошување на услови за договор, минимален период за остварување договор, друго). Сепак, во споредба со 2022 година, евидентно е намалување на бројот на поднесени приговори од домаќинства и тоа за 33% – велат од РКЕ.

Во текот на 2023 година пред Регулаторната комисија за енергетика беа поведени вкупно 380 постапки за одлучување по приговори, од кои 70 беа поведени од правни лица, а 310 од физички лица. За овие постапки, Комисијата за водење на постапка за одлучување по приговори од областа електрична енергија одржа 48 седници, а Комисијата за водење на постапка за одлучување по приговори од областа топлинска енергија одржа 7 седници. Од Извештајот може да се забележи дека во 2023 година е зголемен бројот на поведени постапки за одлучување по приговори од областа на електричната енергија за 32,06% споредено со 2022 година, додека во однос на 2021 година овој број е зголемен за 33,13%.

Во текот на 2023 година до Регулаторната комисија за енергетика, во согласност со Законот за постапување по претставки и предлози, беа поднесени 278 претставки од правни и физички лица, од кои 166 за прашања од областа електрична енергија и 112 за прашања од областа топлинска енергија. Од вкупно 278 постапки за постапување по претставки пред РКЕ по 236 беше постапено, а за 42 претставки постапката продолжи во 2024 година. Бројот на поднесени претставки од областа на електричната енергија во споредба со минатата година е помал за 16%, додека од областа на топлинската енергија бележи пораст.

Од тужбите за поведување на управен спор пред Управен суд поднесени пред 2023 година против одлуките на Регулаторната комисија за енергетика, за 25 управни спорови постапките продолжија и во 2023 година. За 4 тужбите беа отфрлени или одбиени како неосновани, за 5 тужбите беа усвоени, за 2 постапките беа запрени, додека за 13 управни спорови постапките продолжија и во 2023 година. Во текот на 2023 година беа поведени 13 управни спорови против одлуките донесени од Регулаторната комисија за енергетика, 2 тужби беа одбиени, 2 тужби отфрлени, 5 одлуки беа поништени, а за останатите 4 постапките продолжија и во 2023 година

Во текот на 2023 година, интензивно се преземаа дејствија за доброволна наплата на побарувањата по фактури од 2023 година.

– Должниците се контактираа телефонски, им се доставуваа опомени, и овие активности резултираа со значајно зголемување на наплатата. Поточно, од изготвени и доставени 505 фактури за наплата на побарувања од 2023 година, за преостанатите 29 неплатени фактури контактирани се компаниите со цел да го подмират долгот кон Регулаторната комисија за енергетика пред да се почне постапка за присилна наплата. Во 2023 година РКЕ нема поднесено ниедно барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежните органи – велат од Регулаторната комисија за енергетика.

(С.Бл.)