Македонија со јавен долг од 8,3 милијарди евра ита кон рецесија

Мал раст на БДП од 1 отсто, речиси незначителен

966

Според критериумите на Светска банка, земјите кои имаат јавен долг до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, а кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата високо задолжена. Државниот завод за статистика, како што посочува заменик-министерката за финансии, Елена Петрова, објави дека јавниот долг во Македонија е 62,1 проценти. За потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, пак, состојбата е загрижувачка, бидејќи според фискални правила во Законот за буџет стои дека се дозволува нивото на јавниот долг да оди до 60% од БДП, а сега сме 62,1% што оди кон тоа 3% да биде буџетскиот дефицит, а токму тоа покажува дека состојбата е алармантна. Долгот сега изнесува рекордни 8,3 милијарди евра

 

Со над осум милијарди евра јавен долг и раст на БДП од еден отсто, Македонија е речиси во рецесија, бидејќи долгот достигнува над 60 отсто од Бруто-домашниот производ. Ова е само потврда за лошата економска политика во земјава и слабите инвестициски проекти. По дефиниција јавниот долг е државниот долг што го должи државата, јавните претпријатија, општините, претпријатијата во државна сопственост, Народната банка. Според критериумите на Светска банка, земјите кои имаат јавен долг до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, а кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата висока задолжена.

Заменик-министерката за финансии Елена Петрова деновиве алармираше дека бројките од Државниот завод за статистика за јавниот долг не кореспондираат со оние што ги објави Министерството за финансии. Па така, според ДЗС, јавниот долг во Македонија е 62,1 проценти, а според Министерството за финансии 58,4 од бруто-домашниот производ.

Интервенирав до надлежниот сектор во министерството да ги смени бројките Министерот за финансии, бидејќи податокот за БДП за 2023 година е објавен. По мојата интервенција, податоците на министерството не се променети и исто така не добив никаков одговор. Можам да  заклучувам дека Министерот за финансии не сака да ги објави точните податоци за учеството на јавниот долг во БДП на крајот од 2023 година и за буџетскиот дефицит“, укажа деновиве заменик-министерката за финансии Петрова.

Петрова додаде дека само за 2,5 месеци во 2024 година, Македонија е задолжена со нови 237 милиони евра. Според потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, состојбата е загрижувачка,бидејќи според фискални правила во Законот за буџет стои дека се дозволува нивото на јавниот долг да оди до 60% од БДП, а сега сме 62,1% што оди кон тоа 3% да биде буџетскиот дефицит, а токму тоа покажува дека состојбата е алармантна. Таа во  интервју за „360 степени“ на МТВ  посочува дека се потрошени над 700 милиони евра пари кои не дале никаков резултат.

– Прашањето е за што се потрошиле парите. Ако се потрошиле наменски за капитални инвестиции, немаше БДП да биде 1% туку повисок. Реалноста е дека многу мал дел од овие средства отидоа за капитални инвестиции, сето останато се најразлични трансфери кои се даваат по претпријатијата. Последните 3 години има 360 милиони евра трансфери дадени на ЕСМ, а со тие пари ќе направеа огромна централа. Тоа се пари да се покријат криминалите и корупцијата, а не да се субвенционира струја. Криминалот и корупцијата ги изедоа парите. Дојде да не може да се исплатат плати, потенцираше таа.

Експертите потсетува дека изминативе години јавниот долг во Македонија е во постојан раст. Само за последните прт години јавниот долг зголемен над три милијарди евра. Анализирано по години во 2018 државниот долг бил 5,2 милијарди евра, потоа во 2019 година достигнал 5,5 милијарди евра, а во 2020 година тој се искачил на 6,4 милијарди евра, за да во 2021 година сме се задолжиле до 7,1 милијарда евра. Во 2022 година долгот достигнал 7,7 милијарди евра, лани тој беше речиси осум милијарди или 7,9 милијарди евра, за да денеска долгот достигне рекордни 8,3 милијарди евра.

Јавниот долг кажува многу за домашната економија. Јавноста смета дека тоа се должи на неуспехот на македонските економски политики. Како едноставен пример задолжувањето на владата да се спореди со  задолжувањето на едно просечно македонско семејство. Ако тоа има годишен приход од 6.000 до 8.000 евра, а е во долг 60 отсто од она што го заработил, односно три, четири или пет илјади евра значи дека недомаќински  располага со  домашниот буџет. Семејството троши многу повеќе отколку што реално има на располагање,тоа е задолжено и треба да го враќа долгот.

Во 2016 кога јавниот долг  за првпат ја надмина границата од 50 отсто од БДП и кога експертите предупредуваа дека задолженоста е на опасна граница, тогаш СДСМ најави ревизија на сите задолжувања, обвинувајќи дека тогашната владината политика ги става и сегашните и идните генерации во должничко ропство.

Министерот за финансии Фатмир Бесими како предлог на неговото министерство го изготви Законот за буџети со цел да се стави поголем ред кај јавниот долг, односно пропишува лимит за државниот долг. Според Бесими, долгот на општата влада од 2022 година кога е донесен законот се ограничи на 60 отсто од БДП, и гарантираниот долг на 15 отсто од БДП, односно вкупниот јавен долг на земјата да не надмине 75 отсто од БДП. Во закон за буџети се дефинира и буџетскиот дефицит да не надмине ниво од 3 проценти од БДП.

(В. Ма.)