Од 1 јуни ќе може од Скопје да се патува со авион до грчкиот остров Крф. „Еџиан Ерлајнс“ ќе обавува сезонски летови до 28 септември, а цената на авиобилетот е достапна на веб страницата на авиокомпанијата. Сега повратен билет чини 220 евра.
– Како аеродромски оператор, ние сме пресреќни што го најавувавме воведувањето на новата сезонска авиолинија на „Еџиан“ што ќе го поврзе Скопје со Крф, од 1 јуни. По Атина и Сараево, директниот лет до Крф ќе биде третата дестинација што „Еџиан“ ја воведува од Меѓународниот Аеродром Скопје. Оваа нова авиолинија за рекреативен туризам е доказ дека партнерството и соработката со „Еџиан“ продолжува со проширување на поврзаноста на Скопје. Оваа авиолинија ќе обезбеди леснотија и удобност за нашите патници кои сакаат да стигнат до еден од најатрактивните грчки острови како нивна дестинација за одмор – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
„Еџиан“ ќе лета на оваа сезонска авиолинија Скопје – Крф, до крајот на септември, со две неделни фреквенции, или секоја сабота (недела) и секој вторник (среда).
Со летниот ред на летање на Скопскиот аеродром, кој стапи на сила од 31 март, ќе има и сезонски и чартер летови до Анталија, Бодрум, Хургада, Енфида, Џерба и Монастир, со авиокомпаниите „Анадолу Џет“, „АМЦ Ерлајнс“, „БХ Ер“, „Фребрд“ и „Нувелир“. Исто така, „Норвежиан ЕрШатл“ ќе продолжат со сезонските летови до Сплит и Осло.
До Охридскиот аеродром, пак, ќе има чартер летови од Катовице, Варшава, Амстердам и Манчестер, а авиокомпанијата „Ер Србија“ ќе почне да лета на релација Белград-Охрид-Белград.