ЦЕНИТЕ ВО ГРЦИЈА СЕ ВИВНАА ВО НЕБО! Апартманите се изнајмуваат по цена на хотелско сместување

749

Сопствениците на станови во Грција во просек ги покачиле цените за најмалку 30 отсто во однос на минатата година. Така, киријата по лице за 10 дена на Тасос ќе изнесува дури 549 евра во екот на сезоната – од средината на јули до крајот на август.

Ниту Халкидики не е многу поевтин, па за аранжман на Сарти, кој се наоѓа на вториот крак на полуостровот, Ситонија, за десет ноќевања во студио кое е на 200 метри од плажата, ќе треба да платите 550 евра ако дојдете на одмор со автобус.

Доколку се одлучите да патувате до море со сопствен превоз, аранжманот ќе ве чини 30 евра помалку. Исто така, се работи за цената по лице.

Судејќи според достапните ценовници на агенциите, моменталната состојба покажува дека одморот во апартмани речиси ја достигна цената на хотелското сместување во Грција, но и во другите летни дестинации како Египет или Црна Гора.

Како што рекоа во позната туристичка агенција, цените се нешто повисоки во однос на лани, а како што велат тоа и било очекувано. Сепак, и покрај поскапувањето, интересот е голем.

Оние кои ќе се решат да летуваат во некој од апартманите или студијата на омилената дестинација на Македонците, Грција, покрај сместувањето кое значително поскапе, мора со себе да понесат и добар џепарлак бидејќи и цените на храната се веќе малку поскапи во однос на лани.