ОД ПРИЛЕПСКИОТ МУЗЕЈ ИНФОРМИРААТ: Конаците на „Трескавец“ ќе бидат обновени до мај

178

Конаците на манастирот „Трескавец“ кај Прилеп кои речиси шест години од опожарувањето се градат, во мај треба да бидат целосно обновени. Според Благоја Атанасоски, директор на Прилепскиот завод и музеј, согласно договорот со фирмата која ги изведува работите, конаците треба да бидат готови во мај, а паралелно, два тима работат на истражувањата на живописот и на архитектурата на магерницата и трпезаријата во комплексот и се работи на нивна конзервација. “Годинава се очекува тендерот за овие истражувачки работи да биде готов”, вели Атанасоски.

Што се однесува до споменикот „Илинден“ во Крушево, пак, од овој Музеј признаваат дека претходниот проект за негова заштита и конзервација не е во ред и работат на нови проекти.

“На споменикот се работеше последниве две години. Ние презедовме други активности, зашто работите не се изведуваа како што треба. Сега работиме на нови проекти, на керамичкиот, бетонскиот и на витражниот дел. Тоа значи дека работите ќе продолжат барем уште две до три години”, објаснува Атанасоски.

Годинава ќе се работи и на архитектонското наследство во Крушево, каде најголемиот број куќи се заштитено културно наследство, а ќе се работи и на црквите и манастирите.

“Во мариовското село Манастир, ќе се препокрива црквата „Свети Никола“, ќе се работи на двете цркви во селото Зрзе, на селската и на манастирската црква. Годинава продолжуваат заштитните и конзерваторски истражувања на античкиот локалитет Стибера кој лани го откри ексклузивниот жртвеник”, посочуваат од Прилепскиот музеј.

Оттаму додаваат и дека проектот „Музеите во училиштата, училиштата во музеите“ одбележува десетгодишен јубилеј. Како што посочува Атанасоски, ова е еден од најуспешните проекти кога станува збор за презентацијата и приближувањето на културното наследство до новите генерации и за едукацијата на младите за богатството кое го поседуваме. Тој додава дека официјално се вклучуваат и музеите со културното наследство да бидат дел од ученичките тури за екскурзија низ државата.