Секојдневно од страна на граѓаните и еколошките друштва, во јавноста се посочуваат низа директни загадувачи на Охридското Езеро. Истовремено се укажува и на немарноста на самите жители на Охридскиот регион, како и неагилноста на надлежните институции што може да доведе до сериозно нарушување на екосистемот и неповратно загадување на Охридско Езеро, на што укажа и мониторинг тимот на УНЕСКО.
Од Охрид СОС деновиве објавија две снимки од авион, кои го илустрираат загадувањето на Охридското Езеро од реката Сатеска.
– Оваа перспектива дава појасна слика на проблемот кој трае со децении, од пренасочувањето на речниот ток во езерото. Најголем дел од притоките, за жал, се загадени, и сите тие наноси завршуваат директно во езерото. Институциите, по навика, не реагираат, за нив ова не е проблем – заклучуваат од Охрид СОС.
Освен Сатеска и другите две реки Велгошка и Коселска го сочинуваат крвотокот на охридскиот слив и извираат од недопрената природа на Илинска, Плаќенска Планина, горен слив на Дебрца. Но, кристално чистите водотеци на својот пат кон Охридско Езеро, доаѓаат во допир со човекот. Во долните текови што минуваат низ населени места, бреговите се деградирани со диви депонии од комунален и градежен шут, обраснати со вегетација, наталожена тиња измешана со отпадоци.
Овие притоки влијаат на квалитетот на водата пред нивните влилови, а посебно е маркантно фекалното загадување. Е кспертите посочуваат дека најмногу бактерии има во река Грешница, пред устието на Велгошка река која е најзагадена притока што внесува најмногу отпадни комунални и индустриски води богати со полутанти, органски материи и бактерии.
Слична е состојбата и со квалитетот на водата од реката Черава, која извира од Албанија и со поголемиот свој дел тече низ неа. Во Македонија тече низ Љубанишко Поле и источно од Св. Наум се влива во Охридско Езеро. Во сливот на реката се наоѓа депонија од рудници за јаглен кои своите отпадни води и цврсти отпадоци ги испуштаат во реката. Реката тече низ рурални и рударски површини, а ги носи и отпадните води од населбите, камповите и другите туристички објекти.
Сатеска, пак, е реката на која ѝ е посветено посебно внимание во Извештајот од реактивната мисија на УНЕСКО. Комитетот за светско наследство бара исправање на катастрофалната грешка од 1961 година, кога оваа река беше пренасочена во Охридско Езеро, а со цел да се заштитат од седимент вештачките акумулации Шпилје и Глобочица.
(С.Бл.) – Фото: Ohrid SOS