Селекторот на македонската репрезентација Кирил Лазаров го објави списокот на играчи на кои ќе смета за бараж пресметката со Фарски Острови за пласман на Светското првенство во 2025 година, кое ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка.
На поширокиот список од 36 ракометари, Лазаров скрати на 20, со тоа што одново во најтесниот круг ги нема Мартин Поповски и Димитар Димитриоски кои имаат добри партии во нивните Амичитија Цирих и Валјадолид.
Лазаров се реши за тројца интернационалци во Никола Митревски (Порто), Филип Талески (Бенфика) и Никола Костески (Плзен).
Покрај нив, останатите доаѓаат од домашното првенство, односно од Вардар, Еурофарм Пелистер и од Алкалоид. Тука се, Мартин Томовски, Марко Кизиќ, Цветан Кузмановски, Петар Атанацијевиќ, Томислав Јагуриновски, Мартин Велковски, Мартин Серафимов, Марко Митев, Дамјан Митев, Иван Џонов, Филип Кузмановски, Жарко Пешевски, Милан Лазаревски, Марко Стојковиќ, Валентин Карасманакис, Никола Маркоски и Михаил Аларов.