Секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев тврди дека Украина стои зад терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“ во Моксва, во кој на 22 март загинаа 139 лица.
Новинарите го прашаа Патрушев дали зад терористичкиот напад стои Украина или терористичката организација ИСИЛ, која е забранета во Руската Федерација. „Се разбира, Украина“, одговори Патрушев.
Патрушев, кој работеше со Путин во КГБ во Санкт Петербург, е познат по застапувањето на тврдокорните политики на Кремљ. Тој даде неколку интервјуа за руските весници во кои ја оправдува одлуката на Путин да изврши целосна инвазија на Украина.
Евгениј Аношин, портпаролот на Советот за безбедност, го опиша Патрушев како „патриот“ и „државен актер кој долги години е лојален на Руската Федерација и Путин“.
Патем, кога се зборува за потенцијалните наследници на Путин, името на Патрушев секогаш котира многу високо.
Во нападот загинаа најмалку 139 лица, а повеќе од сто се повредени, а одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава.