Никој не е надлежен за паднатиот ѕид над Детската клиника

142

По Град Скопје и Општина Центар се иззема од одговорноста за санација на потпорниот ѕид над Клиниката за детски болести при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ на улица „Белградска”. Оттаму велат дека Општина Центар нема таква надлежност, за што постојат законски акти и одлуки.

– Со одлука на Совет и договорот, склучен  меѓу Град Скопје и Општина Центар, на 5.8.2019 година,  градските власти ја преземаат обврската за проектирање, изградба, користење, заштита и одржување на следниве улици на подрачејто на Општина Центар:  „Белградска“, „Востаничка“, „Св. Кирил и Методиј“, „Димитрие Чуповски“, „Лазар Личеновски“, „Македонија“, „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кеј „Димитар Влахов“, „Пролет“, „Васил Ѓоргов“ и „Самоилова“ – соопштија од локалната самоуправа.   

Оттаму додаваат дека во договорот децидно стои „Општина Центар се обврзува да не презема активности кои би ги попречиле или нарушиле проектирањето, изградбата, користењето, заштитата и одржувањето на наведените сообраќајници во Општината“.

Според општинските власти, овој проблем се провлекува со години.

 -ЦУК и пред две години алармираше за состојбата со потпорниот ѕид кај Универзитетската клиника за детски болести и безбедноста на улицата „Белградска”. На нивна иницијатива, Министерството за здравство посочи дека за санацијата е потребна координирана активност на јавните претпријатија на Град Скопје. И тогаш, Општина Центар, на 30.12.2022 година, децидно одговори дека безбедноста и одржувањето на „Белградска” согласно Договорот од 05.08.2019 година, е обврска на Град Скопје. Да беше до нас, проблемот одамна ќе се решеше – дециден е градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Од Министерството за здравство велат дека надлежни да најдат итно решение се Градот Скопје и Општина Центар.

– Министерството за здравство информира дека во случајот со паднатиот потпорен ѕид позади Клиниката за детски болести истиот е изграден на државно земјиште, а Министерството нема прибележано право за трајно користење на тоа земјиште. Секој од објектите во Клиничкиот центар има право на користење на објектите, но нема доделено право на трајно користење на земјиштето околу клиниките. Во интерес на граѓаните, потребно е да се изнајде итно решение во заеднички напори со надлежните институции Градот Скопје и Општина Центар кои треба да бидат иницијатори за решавање на проблемот, поради тоа што се работи за улица – велат од Министерството за здравство и апелираат до надлежните инспекциски служби да дадат мислење за моменталната безбедност.