Ќе се гради висококатница кај поликлиниката „Букурешт“?

982

Претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, го нарече потпишувањето на одобрението за урбанистичкиот проект за висококатницата зад бензинската пумпа „Макпетрол“ кај поликлиниката „Букурешт“ самоволие на градоначалникот Стевчо Јакимовски, но и на Општината.

– Советот се собра уште лани и со кворум изгласа одлука со која ги задолжи градоначалникот и Општината да стопираат секакво издавање градежни дозволи на тој простор и да почне постапка за ревизија на ДУП-от што го опфаќа тој блок. Целта не беше да се ревидира целиот ДУП, туку само тој блок – објасни Ристов, нагласувајќи дека градоначалникот не им дал значење на седницата и на донесената одлука.

Тој нагласи дека на таа седница не присуствувале ниту советниците од СДСМ ниту советниците од ГРОМ, но 12-мина советници биле „за“, и со тоа одлуката станала валидна. Ристов, кој е од редовите на Левица, истакна дека, како партија, изработуваат поднесоци до сите надлежни институции и доколку има обид да се изгради нешто на тој блок, тие ќе бранат со жив штит.

– Градоначалникот спомена дека нема да одобри 28-катница. Зградата, најверојатно, ќе биде со помалку катови, но нема да дозволиме ништо да се гради – дециден е Ристов. 

Градоначалникот на Општина Карпош, Јакимовски, нагласи дека во оваа држава има ред и поредок и закони за донесување ДУП.

– Имаше предвидено зграда со 28 ката, но сега таа е со 17 ката, што значи дека висината е намалена за 40 проценти. Вкупната градежна површина од 99.000 квадратни метри сега е намалена на помалку од 40.000 квадратни метри, што е за 60 проценти намалување – објасни Јакимовски.

Тој додаде дека, за жал, одделни советници ништо не кажале во Советот, ниту нешто направиле ниту нешто предложиле.

– Единствено што знаат е ако се предложи ДУП, да бидат против или ако треба да се гради што било, исто така да бидат против. Толку е поимањето на улогата советник во Општина Карпош. За среќа, има луѓе што имаат поширок видик, поголеми знаења и подготвени се да ги решаваат сите проблеми на граѓаните – дециден е Јакимовски.

Тој истакна дека целта на претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, и на оние околу него е Општината да биде без приходи за да можат, како што вели, во следната фаза да критикуваат дека градоначалникот не направил ништо.

– Граѓаните добро знаат што може да направи нивниот градоначалник. Што ќе беше Општина Карпош ако во изминативе 20 години имавме вакви деструктивни советници? Нема да бевме водечка, туку општина што ќе беше на опашката – дециден е Јакимовски.

Градоначалникот е категоричен и тврди дека нема да дозволи да се намалат приходите на Општината, ниту, пак, ќе дозволи да запрат развојот и животот во Општината.

Инаку, советниците од Независни за Карпош – за заштита на Карпош претходно поднесоа предлог-одлука за изготвување стручен елаборат за суспензија на применувањето за блок 08 од ДУП-от за градскиот кварт 3 05 меѓу булеварите „Илинден“, „8 Септември“, „Партизански одреди“ и улицата „Љубљанска“, донесен со одлука на Советот од 6.11.2013 година, но тој никако не се најде на седница. Во меѓувреме, како што информираат Независни за Карпош – за заштита на Карпош, Јакимовски го потпишал одобрението за урбанистичкиот проект за висококатницата зад бензинската пумпа „Макпетрол“ кај поликлиниката „Букурешт“.

– Со укинување на регулацискиот план, се отвори можност за градење без ограничување во нумеричките податоци. Дали 28 или 17-катница –  419 нови станбени единици + деловен простор е премногу – велат од Независни за Карпош – за заштита на Карпош.

(А.П.)