Долгогодишните сопственици на Јута Џез, семејството Милер, го продадоа клубот за 1.66 милијарди долари. Тие го водеа тимот од Солт Лејк Сити цели 35 години и токму поради нив франшизата беше една од најуспешните во лигата. Во овој период, Јута имаше дури 16 сезони со 50 или повеќе победи, како и две конференциски титули. Од сезоната 1989/1990, само Сан Антонио Спарс имаат подобар однос на победи и порази во лигата.

Семејството Милер ја продаде франшизата на Рајан Смит, основачот на софтверската компанија „Квалтрикс“. Смит има 40 години, живее во Јута и пред две години го продаде „Квалтрикс“ за осум милијарди долари. Овој милијардер е многу близок со семејството Милер и е еден од најголемите обожаватели на „џезерите“.