Поради лошата епидемиолошка слика грчките градови Јанина и Серес од денеска се во црвената фаза (зголемена опасност) односно во мини карантин, а по вчерашните рекордни 1.547 случаи на Ковид-19 во Грција, постои загриженост и не е исклучена можноста за дополнителни рестрикции, пред сѐ во Солун.

Во Јанина и Серес се затворени кафулињата, рестораните, кината, театрите, судовите, археолошките локалитети и музеите, фитнес центрите и слично, а продавниците остануваат отворени.

За само три дена во Солун, беа регистрирани 759 случаи, од кои 384 вчера, што го вклучи алармот кај надлежните власти и не е исклучена можноста, градот од портокалова да премине во црвената фаза.

Во центарот на Солун од 10 часот утрово има мобилни единици на Националната организација за јавно здравје кои вршат бесплатно тестирање со брзи тестови за Ковид-19.

Интересот на жителите на Солун е огромен, со оглед на тоа дека од рано утрово има редици за тестирање.

Освен во Солун, ситуацијата со новозаразени е алармантна и во областа Атика, поширокиот регион на Атина, каде што во изминатите три дена беа регистрирани 974 нови случаи.