Чекаш автобус и полниш мобилен – Зелениково со светски автобуски постојки!

169

Зелениково  е единствена општина во Македонија која постави современи автобуски постојки.  -Станува збор за седум автобуски постојки кои имаат простор за седење, соларен панел кој служи да апсорбира сончева енергија и да произведува струја за да може да го осветлува просторот ноќе. На постојките  има и простор за инвалидска количка за луѓе со попреченост, а една од автобуските постојки што се наоѓа во центарот на Зелениково преку соларниот панел има опција и за полнење на мобилни телефони и други електронски уреди,  изјави за ВЕЧЕР, градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски.

Наредната година планирано е да се постават уште седум вакви автобуски постојки, со што ќе бидат заменети сите на територија на општината

Општината Зелениково фаќа чекор со големите европски метрополи. Таа е единствената општина во Македонија која на својата територија постави модерни, инклузивни и самоодржувачки автобуски постојки и со тоа на своите жители им обезбеди пристојни услови додека го чекаат автобусот со број 67.

-Станува збор за седум автобуски постојки кои се поставени на местото на старите кои беа руинирани и тотално уништени. Практично, немаа клупи, немаа осветлување…, а беа поставени пред околу 15 години. Новите сега имаат простор за седење, односно клупа, соларен панел кој служи да апсорбира сончева енергија и да произведува струја за да може светилката што е внатре да свети. Исто така, има и простор за инвалидска количка за луѓе со попреченост, а една од автобуските постојки, што се наоѓа во центарот на Зелениково, преку соларниот панел има опција и за полнење на мобилни телефони и други електронски уреди преку УСБ отвор и безжично – изјави за ВЕЧЕР, градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски.

 

Тој наведе дека постојките се со железна конструкција, додека покривот е од лексан. Страните, пак, се изработени од алкобон и имаат дрвена декорација, а брендирани се со логото на општината.

Современите автобуски постојки се лоцирани во Орешани, село Зелениково, Млекара, Станица Зелениково и Босанско Маало, по должината на главната улица.

Овие автобуски постојки ја чинеле општината 1 милион денари, односно секоја по 140.000 денари.

Како што најави градоначалникот Маневски, наредната година планирано е да се постават уште седум вакви автобуски постојки, со што ќе бидат заменети сите на територијата на општина Зелениково.

-Во чекор со трендовите и набавката на модерна урбана опрема и вложување напори во модернизација на општината, се надеваме дека населението ќе постапува со одговорност и грижа кон опремата како кон нивни лични објекти – порача Маневски, нагласувајќи дека полека, но сигурно Зелениково го добива изгледот кон кој општината цели. -Со мали чекори се стигнува далеку – потенцира Маневски.

(А.П.)