„Не кријам дека откако е вирусот присутен немам настапи. Барав помош и од психијатри за да ја пребродам депресијата, па сè ми се собрало“, вели популарната пејачка Рада Манојловиќ, која порано на секој настап заработуваше околу 10 илјади евра. Разбирање за своите колешки и нивниот срам од наметната сиромаштија јавно покажува кралот на свирките Ферус Мустафов

Дуле Миќиќ / фото:ФБ; Инстаграм, Јутјуб

Коронавирусот од ден на ден, а особено последните неколку месеци на естрадата создава најсилен вистински хаос. Целата ситуација е за жалење, а сè е повеќе пејачки, пред сè оние од поранешна Југославија, кои не се срамат јавно да зборуваат за сиромаштијата во која западнале откако поради смртоносниот вирус останале без настапи, концерти, турнеи, без таканаречените “тезги“. Едни од најгласните се Мина Костиќ, Наташа Беквалац, Ана Николиќ, Индира Радиќ, Сузана Манчиќ (и таа пее, освен што е водителка), Катарина Живковиќ, Рада Манојловиќ, Тијана Дапчевиќ, Стоја, Јелена Костов, Оливера Катарина, Лепа Лукиќ, Маја Оџаклиевска, Неда Украден…. од Србија, како и Нина Бадриќ, Мери Цетиниќ, Маја Благдан, Ксенија Еркер, Вана, Индира Левак, Лидија Перцан, Дорис Драговиќ,Маја Шупут…, како и многу други од Хрватска.

Нина Бадриќ предизвика ужасен револт во народот, па луѓето и предложиле да дојде на нива да копа компири, а не да кука пред новинарите. Пејачката Мина Костиќ иако добила државна помош од 90 илјади српски динари, вели дека во овој момент мизерно живее со некоја ситна заштеда, но и таа се троши. Ана Николиќ е толку депресивна што нема ниту волја на некој да му се јавува на телефон. – Никаде не пеам, не патувам, честопати од кревет не ми се станува, не ми е добро, вели Ана. – Не кревам телефон и поради стравот некој да не ми јави за смрт од корона на некој мој близок, не сакам такви тажни вести по телефон, објаснува Ана.

Рада Манојловиќ која важи за една од пејачките која мрсно заработува(ше) бидејќи нејзините настапи не се под 10 илјади евра, сега е на позитивна нула. – Не кријам дека откако е вирусот присутен немам настапи. Летово имав само по некое пеење, ама тоа е доста тенко. Барав помош и од психолог за да ја пребродам депресијата, особено што пред неколку месеци баба ми почина, па сè ми се собрало. Наташа Беквалац е една од поитрите, па откако не патува никаде и не пее, издава соби на туристи на својот луксузен салаш покрај Нови Сад.

Побарувачката е огромна, бидејќи луѓето сакаат да излезат од градската врева, но сакаат и да се фалат дека зимувале кај Беквалац. Некогашната голема ЈУ-ѕвезда Оливера Катарина (позната по хитот “Џелем, џелем“) и онака немаше некои настапи, а со короната никакви. – Немам ниту свој кров над главата, се селам од една во друга гарсониера, а и тие ми се скапи со оглед на тоа дека не заработувам. Се снаоѓам, пријателите ми помагаат, а и мојот син кој не живее во Србија, па ми праќа каква-таква парична помош, вели растажената Катарина.

Сузана Манчиќ, која на времето се фалеше дека месечно трошела над две илјади евра, сега се стиска и за 100 евра. – Како да не бидам стипса и за 100 евра, кога големи пари немам сега, немам настапи, сите се исплашени од вирусот и никој никого не кани на некоја тезга, разочарано констатира Манчиќ, која инаку неодамна се врати од Атина каде беше подолго време кај својот сопруг Гркот Симица (банкар по професија). Маја Оџаклиевска во Србија живее со мала пензија, а откако сè и дојде преку главата, решила во ова време на пандемија да се прости од естрадата и да живее далеку и од медиумите.

–Најтешко ми е кога внукот ќе ми побара нешто да му купам, а јас немам толку пари. Среќа моја, тој е разбирлив, тој е една душичка, па сфаќа дека баба му нема многу пари, жално констатира оваа некогаш голема пејачка ѕвезда.   Мери Цетиниќ добро ја знаеме како голема пејачка ѕвезда од онаа Југославија, а таа до почетокот на короната добро заработуваше и на далеку помалечката хрватска естрада. Но сега сè се сменило.

– Нема веќе такви пари, немам такви настапи, скоро да нема ништо како што било порано. Заминав од Загреб и се вратив во мојата Вела Лука на островот Корчула. Тука ми е сè, мојата семејна куќа, мојот живот. Доколку нешто на подобро се смени во блиска иднина, ако воопшто помине овој корона хаос за едно две, три години, секако дека ќе им се вратам на естрадните настапи. Засега имам од што да живеам, да уживам тука покрај самото море, вели познатата Далматинка која секако дека ја памтиме по големиот хит “Само симпатија“.

Нашите се срамат поради наметнатата сиромаштија – Ферус им ја разбира маката

И, сега, не дека и кај нас не е иста ситуацијата. Добро е познато дека и нашите пејачи немаат настапи, дека одвај преживуваат, го крпат месецот, но тешко дека некоја јавно ќе се изнакука колку и е тешко. Се срамат!

Попрво гламурозно ќе се сликаат на ФБ, отколку да кажат дека денот можеби го поминале со четвртина бурек. А, и не сакаат никој да ги жали. Тоа е таа “слика и прилика“ на нашиот менталитет. Освен што една (со молба да не и го спомнуваме името) се довери како голем број наши пејачки и плачат по телефон, од причина што немаат што да јадат, се плашат струјата да не им биде исклучена со неплатени сметки од по седум, осум месеци, со закани од извршители, со неплатени рати за кредити, со по 200, 300 денари дневно во паричникот…

“Леле мајко, што направи од нас оваа пуста корона“, вели нашиот крал на свирките, популарниот Ферус Мустафов. – Јас еднаш се обидов да заминам од Македонија, бидејќи овде ситуацијата на естрадата е очајна, но се премислив. Набргу насекаде во странство работите тргнаа на полошо, концертите се забранети, а исто така и свирките по кафеаните и рестораните.Воведени се новите мерки.

Добро е што порано многу добро заработував, па од тоа сега живеам поскромно, но што ќе правам кога ќе ги потрошам тие заштедени пари? Ми велат, снајди се, а како кога кафеаните имаат забрана за настапи на музичарите, за свадбите, за прославите. Дновиве протестирале пред Владата, за да тргне нешто од мртва точка. Но не ми е јасно што ќе сменат, кога вирусот не запира, загрижено за весникот ВЕЧЕР ни раскажа популарниот Ферус, кој сосема им ја разбира маката на своите колешки и нивното одбивање јавно да зборуваат за депресивната ситуација. И онака им е од се, преку главата! Нели?!