Одлуката на Централната банка за времена суспензија на исплатата на дивиденди од страна на банките и штедилниците до крајот на 2021 година е целосно оправдана, вели за весникот ВЕЧЕР, професорот Трајко Славески, екс министер за финансии. НБРМ требаше да воведе забрана за исплата на дивиденди од страна на банките уште во март/април минатата година, на самиот почеток од пандемијата, по примерот на речиси сите централни банки во Европа. Како член на Економскиот совет при техничката влада јас ваков предлог изнесов уште на првиот или вториот состанок на Советот, потенцира Славески.

Според него, во март 2020 година, ЕЦБ (Европска централна банка), која е централна банка на земјите членки на Еврозоната, кои го користат еврото, воведе забрана за исплата на дивиденди и реоткуп на акции за 113 банки во земјите-членки. Со ова, околу 40 млд. евра планирани за дивиденди останаа во банките со што за истиот износ се зголеми нивната капитална основа. По неколку недели истото го направија и Велика Британија и Шведска, по што следеа речиси сите европски земји, вклучително и земјите од нашиот регион.

Славески вели дека во услови на радикална неизвесност за последиците од здравствената и економската криза, регулаторите на банкарскиот сектор со мерката забрана за исплата на дивиденди настојуваа да ја зацврснат капиталната основа на банките, со што тие стануваат поотпорни на шоковите од нагло влошување на можноста за наплата на своите побарувања од должниците. Интересно е тоа што европските банки, иако не ја примија оваа рестриктивна мерка со воодушевување, беа целосно кооперативни. Не е познато било кој да ја оспорил забраната пред некој надлежен орган.

Нашите банки, вели екс министерот за финансии Славески,  и во услови на пандемија ја одржуваат својата стабилност. Барем засега, нема позначаен раст на лошите заеми во нивните портфолија, а Народна банка уште од минатата година примени регулаторни олеснувања за банките за да им излезе во пресрет во отежнатите услови за работење предизвикани од пандемијата. Според него,  мерката за суспензија на исплата на дивиденди е во насока на намалување на ризиците кај банките и во интерес на нивните штедачи, клиентите, а во краен случај и на акционерите на банките. Финансискиот сектор треба да е подготвен и за полоши сценарија, во смисла на значително полоши перформанси на економијата од проектираните, во услови на подолготрајна здравствена криза. Централната банка и владата имаат на располагање инструменти за поддршка на финансиските институции, особено тие што се системски значајни, и при значително посериозни предизвици од тие со кои се соочуваме во моментов, додава во изјава за весникот ВЕЧЕР, професорот Славески.

(В.М.Б.)