Финишира реконструкцијата на Бит-пазар во модерно место за пазарување

380

До крајот на септември Бит-пазар ќе прерасне во еден модерен и современ пазар за земјоделски производи. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, Младен Дамев, генералниот директор на „Скопски пазар“ АД Скопје, кој стопанисува со овој главен снабдувачки центар во Скопје и најголем пазар воопшто во Републикава, истакна дека реконструкцијата почна пред две години и требаше да заврши овој месец, но со оглед на здравствената криза, рокот ќе биде пролонгиран најдоцна до крајот на септември.

Проектот се изведува во четири фази, со што ќе се овозможи поставување на 1.000 нови тезги, обновување на водоводот и канализацијата, целосно покривање на пазарот и изведба на нов деловен простор со површина од 600 квадратни метри.

Реновирањето на Бит-пазар почна од седмиот и осмиот сектор, од каде што беа преместени продавачите на тезги.

– Во понеделник ќе започне последната фаза од проектот, со што ќе се заокружи во целост новиот пазар Бит-пазар. Оваа фаза опфаќа комплетно нов под со целосна нова водоводна и електрична инсталација, ново осветлување и нови тезги – вели Дамев.

Што се однесува до закупнините за тезгаџиите, тие остануваат непроменети.

– Дури и во овие изминати месеци со оглед на работата што се одвива во и околу пазарот на корисниците на тезги им беа одобрени попусти – нагласува Дамев.

Идејата за целосна реконструкција на ова пазарче се провлекува уште од 2010 година, а реализацијата на самиот проект требаше да започне во 2016 година.

„Скопски пазар“ стопанисува со вкупно 13 зелени пазари во градот со капацитет околу 2.900 продажни места/тезги.

– Во моментот се работи и на реконструкција и на пазарот Ѓорче Петров каде се врши замена на дел од кровната конструкција и инсталирање на лед осветлување. „Скопски пазар“ АД Скопје во долгорочниот план има предвидено реконструкција и на останатите пазари, а се со цел да им овозможиме одлични услови на корисниците и во исто време пријатно место за пазарење на сите наши сограѓани – вели Дамев.

(С.Бл.)