Уставот ќе го донесе датумот за избори

102

Предлог-иницијативата за уставни измени стигна во Владата. Според најавите на претседателот Стево Пендаровски, се очекува утре предлогот да биде испратен и до Собранието. Уставните измени месеци наназад се во фокусот на политичката сцена, но процедурата за отворање на Уставот не е ни почната. Ситуацијата дополнително ја усложнува фактот што опозицијата не ги поддржува промените во Уставот, и потребното мнозинство не е обезбедено.

Во обид да се стигне до консензус со опозицијата, чии гласови се неопходни за промена на Уставот, Ковачевски најави лидерска средба која би се одржала во наредниве десетина дена.

Премиерот Димитар Ковачевски уште еднаш испрати порака и повик за сплотеност, заедништво, обединување и издигнување над нашите политички, идеолошки разлики во име на, како што рече, поквалитетен живот и посигурна иднина.

– Ќе ги предложам сите потребни одлуки Северна Македонија да го продолжи својот пат во остварувањето на втората стратешка цел, а тоа е членство во ЕУ. Се надевам дека сите политички партии во државата, сите претставници на народот, сите пратеници ќе ја препознаат важноста на оваа одлука и ќе го дадат својот глас за народот, а не за лична кариера на кој било политичар во државата – порача премиерот Димитар Ковачевски.

Работната група, на седница во петокот, ја усвои предлог- иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за негово изменување и дополнување.  Во иницијативата се предлага промените да бидат во делот на преамбулата, со тоа што „после бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“. Освен во преамбулата, следствено, седумте заедници ќе станат дел и уште од два члена на Уставот – за грижата за дијаспората и за Комитетот за односи меѓу заедниците.

Опозицијата уште еднаш ја повика власта што поскоро да го стави предлогот за уставните измени во собраниска процедура.

– Димитар Ковачевски ден поскоро да го достави на гласање во Парламентот прашањето за уставни измени, да се види дека нема мнозинство и да се распишат избори. Истовремено, до Собранието да ја поднесе и потпишаната оставка. Со таков чекор, Ковачевски ќе си ја реализира оставката, партиските комисионери нема повеќе да земаат скапи хонорари, а државата ќе спаси пари од буџетот од натамошно  крадење од власта – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Стоилковски, е јасен, нема уставни измени под бугарски диктат. Тоа е и став на 90 проценти од народот, тоа е став и на дел од пратениците од СДС.

– Македонските евроинтеграции нема да се претворат во асимилација и бришење на македонскиот идентитет, култура и историја – изјави Стоилковски на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

Експертската комисија која работеше на предлог- амандманите за уставните измени, се изјасни дека нема да ги разгледува другите предлози, освен измените во преамбулата, бидејќи, како што рече претседателката Маргарита Цаца Николовска, работното тело нема мандат за јазични прашања во Уставот. Дел од медиумите, повикувајќи се на извори од партиите во албанскиот блок, велат дека, сепак, во амандманска фаза ќе биде поднесен дополнителен предлог за промената на формулацијата „20 отсто“, што беше барање на неколку партии од албанскиот блок.     (Ј.Ц.Г.)