Од Филхармонија посочуваат дека последниве три месеци откако беше донесена одлуката за сместување на НУ „Џез оркестар“ во објектот на Филхармонијата, „реномето и угледот им се целосно уништени и дека губат публика“?! Од Министерството за култура, пак, за весникот ВЕЧЕР велат дека во одлуката јасно е наведено дека новата установа времено е со седиште во објектот на Филхармонијата, до потребниот временскиот рок за нејзино формализирање. „Овој временски рок ќе биде децидно запазен“, одговараат од Министерството за култура на револтот на филхармоничарите поради одлуката двете установи да функционираат под ист покрив

 

По жолтите ленти на рацете, филхармоничарите деновиве се појавија на концерт и со црвени ленти на облеката. Со ова уште еднаш потенцираа дека нивниот протест против вселувањето на новоформираниот национален џез-оркестар во објектот на Филхармонијата нема да прекине сè додека Министерството за култура не ја смени одлуката и изнајде друго решение. Како што велат од синдикалната организација на Македонската филхармонија, црвените ленти имаат само едно значење: црвен картон за Министерството за култура!

„Секоја нормална држава во светот се гордее со своите институции кои градат историја во културата, а нашата држава, за жал, со својот однос покажува дека не ѝ е важно тоа и дека е подготвена поради штотуку „родена“ институција, да ја згази и поништи историјата градена со децении. Наместо да се гордее со изградената концертна сала за Филхармонијата, бидејќи многу земји во регионот допрва работат на реализација на вакви историски проекти, нашата држава сака да ја измени првичната намена на објектот и да ја претвори нашата концертна сала во ‘Универзална’…“, велат од СО Македонска филхармонија при СКРМ.

Оттаму додаваат дека последниве три месеци откако е донесена одлуката за сместување на уште една институција во објектот на Филхармонијата, реномето и угледот на најстарата културна институција во земјава се целосно нарушени, а според нив, директни виновници за тоа се Министерството за култура и Владата на РСМ, кои наместо да го решат проблемот, немо и без никаков интерес уште повеќе го продлабочуваат.

„Губиме публика, бидејќи некој свесно дозволува да се валка угледот на нашата институција, макотрпно граден од генерации македонски музичари во изминативе речиси осум децении“, додаваат од синдикалната организација.

Од Министерството за култура, пак, за весникот ВЕЧЕР посочија дека и Министерството и министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, од моментот кога е донесена одлуката за формирање нова национална установа „Џез оркестар“, се ангажирани околу решението за трајна адреса на новата установа.

„Министерството за култура останува на ставот дека голем дел од информациите кои произлегоа по објавата за формирање на НУ ‘Џез оркестар’ се само манипулации со јавноста, зашто во одлуката јасно е наведено дека новата установа административно и времено е со седиште во објектот на Филхармонијата, до потребниот временски рок за нејзино формализирање. Овој временски рок ќе биде децидно запазен. Објектот на Филхармонијата е во сопственост на државата и му е даден на Националниот симфониски оркестар на трајно користење. Тоа е неспорен факт. Сите други информации на оваа тема се невкусни манипулации со културната јавност и со врвните професионалци од сферата“, велат од ресорното Министерство.

Филхармоничарите посочуваат дека новинарите, но и претставниците на власта ќе имаат отворена можност на 24 јуни да го прашаат и маестро Зубин Мехта (кој на овој датум ќе диригира со концертот на Белградската филхармонија во објектот на Македонската филхармонија) зошто толку ревносно ја поддржува идејата за изградба на сопствен дом на белградските филхармоничари.

„Исто така, може да ги прашаат и нашите колеги од Белградската филхармонија дали ќе поддржат друга институција ‘привремено да се вдоми во нивната нова концертна сала, која допрва почна да се гради. И дали ќе дозволат откако ќе се изгради за нив, да ја претворат во ‘Линколн центар’ или ‘Лисински’?”, посочуваат од синдикалната организација.

Инаку, тие велат дека со концертот што се одржа деновиве на сцената на НОБ, е заокружен официјалниот дел од концертната сезона „Дамар на слободата“, но тоа не значи дека ставаат клуч на врата.

„Напротив, нè очекуваат богата концертна програма и активности и во јуни и во јули. Следуваат два исклучително драги концерта за нас – со учениците и со студентите по музика (1 и 8 јуни), а имаме и камерен концерт со две исклучителни пијанистки (6 јуни). На 16 јуни е традиционалниот концерт на отворено во Градскиот парк, а на 24 јуни ни гостува Белградската филхармонија со маестро Зубин Мехта! На 4 јуни, оркестарот на Филхармонијата ќе гостува на музички фестивал во Ниш, а на почетокот од јули ќе се реализираат и два концерта – во Дубровник и во Подгорица“, најавуваат од Филхармонијата. (Д.Т.)