Уставни измени повторно на маса -изборен фолклор или жежок костен за идната влада?!

Аналитичарите со поделени ставови - велат дека ВМРО-ДПМНЕ и да победи на избори, не се сигурни дека ќе успее да се договори за коалицирање со албанските партии и да формира влада доколку партијата не прифати да се изгласаат уставните измени, додека други се уверени дека ќе се постигне решение за коалицирање со дел од албанските партии независно од нивното залагање да се изгласаат промените на Уставот. Според аналитичарот Ибрахим Мехмети, ова не е изборен фолклор туку сериозно прашање за политичките субјекти на Албанците со оглед на ветувањата што ги дале пред нивното гласачко тело. Мехмети смета дека повеќе од извесно е дека новата власт, која и да биде, ќе биде под силен притисок уставните измени да ги направи уште на почетокот од својот мандат за да се придвижи на европскиот пат. Смета дека тој притисок ќе биде и поголем и оти ќе биде тешко за партиите да продолжат да избегнуваат да се соочат со оваа тема. Аналитичарот Синиша Пекевски за весникот ВЕЧЕР, пак, вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне решение за коалицирање со дел од албанските партии независно од нивното залагање да се изгласаат уставни измени - Не треба да се зема сериозно сè што ќе кажат партиите пред избори. Тоа со уставните измени се кажува за да го покажат нивниот проевропски курс, вели Пекевски.

80

На чекор до изборите политичките партии се фокусираа на објавување на кандидатите за шеф на државата, а партиите од албанскиот блок отидоа чекор понапред, па промовирајќи ги кандидатите во преден план ги ставија и уставните измени како услов за коалицирања и формирање влада по изборите.

Па така, претседателскиот кандидат, поддржан од опозициските албански партии , Арбен Таравари, повтори дека и од позиција на претседателски кандидат ќе се залага за внесување на Бугарите во Уставот. Негов приоритет се и избор на претседател во Собранието и отстранување на 20-те проценти што го дефинираат албанскиот јазик.

Ова не е првпат Таравари како услов за разговори за учество во идната влада да ги посочува уставните измени „пред сѐ“.

„Зборувам за Алијанса за Албанците. Без разлика колку пратеници ќе имаме, ние нема да бидеме дел од влада која нема да ги направи уставните промени“, рече Таравари. Притоа изрази дилеми кон јавните ставови на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Инаку, токму албанските опозициски партии и Таравари се наводно посакуван партнер на ВМРО -ДПМНЕ на претстојните избори, иако ВМРО- ДПМНЕ не отстапува од ставот дека не прифаќа отворање на Уставот под бугарски диктат. Математиките на ВМРО-ДПМНЕ воедно зборуваат и дека ќе извојуваат убедлива победа на изборите.

Дел од аналитичарите велат дека ВМРО-ДПМНЕ и да победи на избори, не се сигурни дека ќе успее да се договори за коалицирање со албанските партии и да формира влада доколку партијата не прифати да се изгласаат уставните измени, додека други се уверени дека ќе се постигне решение за коалицирање со дел од албанските партии, независно од нивното залагање да се изгласаат уставни измени.

Аналитичарот Владимир Божиновски вели дека очекува и ставовите на албанските партии да подлежат на одредени измени, а дека ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да дообјасни што значи кога вели дека не прифаќа измени на Уставот под бугарски диктат.

-Уставните измени не под бугарски диктат е конзистентен став на ВМРО-ДПМНЕ, но треба да додефинираат што значи тоа не под под бугарски диктат. Овој став на е спротивставен на оној на ДУИ или на Алијанса само работата што ја бара ВМРО- ДПМНЕ, за разлика од други партии е да не се дава се на штета на македонскиот народ. Кога ВМРО-ДПМНЕ велат уставни измени не под бугарски диктат, тоа значи дека ќе треба да се избори новата влада за оние гаранции кои ги бара ВМРО-ДПМНЕ. Тие, пак, што сакаат да влезат како помал партнер ќе се приспособат или ќе ги вградат своите ставови со одредени измени, вели Божиновски.

Барањата за уставни измени со цел придвижување кон ЕУ што се спомнаа овие денови од двата блока на албанските политички партии според аналитичарот Ибрахим Мехмети, не се изборен фолклор туку сериозно прашање за политичките субјекти на Албанците со оглед на ветувањата што ги дале пред нивното гласачко тело за забрзување на евроинтеграцискиот пат на земјава. Мехмети смета дека повеќе од извесно е дека новата власт, која и да биде, ќе биде под силен притисок уставните измени да ги направи уште на почетокот од својот мандат за да се придвижи на европскиот пат. Смета  дека тој притисок ќе биде и поголем и оти ќе биде тешко за партиите да продолжат да избегнуваат да се соочат со оваа тема.

– Некој ќе мора да попушти, дали тоа ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, дали тоа ќе бидат нивните идни коалициски партии или ќе имаме некоја трета ситуација – некоја нова политичка констелација при формирање на владата, останува да се види зошто роковите се прилично тесни. Ние чекаме од 2005, речиси 20 години и не верувам дека има толку многу простор за размислување, особено што гледаме дека ЕУ и САД, коишто се исто така заинтересирани за овој процес веќе го губат трпението не само со нас, со Македонија, туку со целиот регион и притисокот ќе биде поголем, вели Мехмети.

Аналитичарот Синиша Пекевски за весникот ВЕЧЕР, пак, вели дека смета дека ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне решение за коалицирање со дел од албанските партии независно од нивното залагање да се изгласаат уставни измени

-Не треба да се зема сериозно сè што ќе кажат партиите пред избори. Тоа со уставните измени се кажува за да го покажат нивниот проевропски курс, вели Пекевски.

Инаку, и при промоцијата на кандидатот за претседател на ДУИ, Бујар Османи, лидерот Али Ахмети рече дека претстојните избори ќе бидат референдум за Европа или Русија. Претходно вицепремиерот Артан Груби уште еднаш јасно порача дека ДУИ нема што да бара во влада со партнер којшто гледа алтернативни решенија за ЕУ и во тој контекст рече дека би коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ доколку прифати уставни измени.

Како и да е, уставните измени остануваат и натаму топ-тема и жежок костен за идната влада. Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, неодамна порача дека најважно е на претстојните избори да биде донесена вистинската одлука за придвижување на државата напред кон ЕУ.

Власта планираше уставните измени да бидат изгласани до крајот на годината, кога се очекува да заврши скрининг-процесот на Европската комисија (ЕК) за Македонија. Но, во Собранието владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ не успеа да го обезбеди двотретинското мнозинство неопходно за отворање на Уставот, со оглед дека опозицијата постојано држеше до својот став дека не прифаќа промена на Уставот под бугарски диктат, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, велеше дека ќе си замине од политиката ако макар и еден пратеник од неговата партија гласа „за“.

(М.С.)