Тимовите на СТЕМ Академија со прво и второ место на Глобалната спортска роботска олимпијада во Грција

93

Тимовите на СТЕМ Академија – Скопје „Space Walkers“ и „Space Walkers Jr.“ се апсолутни победници на Глобалната спортска роботска олимпијада  (ROBOTSPORTS COMPETITION GLOBAL OLYMPIAD), која се одржа на Крит, Грција, во периодот од 26 до 29 април. Тие ги освоија првото и второто место во престижната категорија Пентатлон арена, во конкуренција на 1 450 тима од 36 земји.

Како што соопштуваат од СТЕМ Академија, оваа категорија е позната по своите предизвици и бара од тимовите да дизајнираат и да програмираат самонаведувачки роботи. Роботите треба да завршат најмалку пет сложени мисии на специјализирано роботско поле. Тимот „Space Walkers“ се истакна со освојувањето најголем број поени меѓу сите тимови учесници, покажувајќи квалитет во тимската работа, кои создадоа робот со исклучителни можности и одличен дизајн.

Тимот на „Space Walkers Jr“ го освои второто место во таа категорија, но ја доби и наградата за иновативен проект. Нивната презентација е препознаена како најдобра, со што се издвои вредноста на СТЕМ Академија – Скопје во поттикнувањето на креативноста и развојот на комуникациските вештини кај своите студенти.

– Перформансите на тимовите на СТЕМ Академија се гордост не само за нас туку нивниот успех ги истакнува талентот и потенцијалот на македонската младина. Воедно, ја покажува и апсолутната посветеност на Академијата во поттикнување  критичко размислување, решавање проблеми, иновации и зголемување на нашата видливост на глобалната сцена, со човечките потенцијали што ги имаме – вели Жарко Поп-Илиев, извршен директор на СТЕМ Академија – Скопје.

Достигнувањата на „Space Walkers“ и „Space Walkers Jr.“ се резултат на повеќемесечна посветена подготовка, почнувајќи од ноември 2023 година, под стручно водство на искусните тренери од СТЕМ Академијата, со кои ги усовршуваа своите вештини и верзии на роботи, кои ќе може да постигнат вака престижни резултати.

Успехот на Глобалната спортска роботска олимпијада е најголем досегашен успех на СТЕМ Академија, на кој му претходеа второто место на FIRST Lego League Open, Либан 2019 година, најдобар тим на First Lego Adria League во Целје, 2019 година, најдобро инженерско решение и најдобро иновативно решение на медитеранскиот СТЕМ-натпревар во Атина, во 2024 година, одржан на 29 и 30 март. На локалната сцена, на националното првенство на FIRST LEGO LEAGUE во 2022 и во 2023 година, тимовите победија во категоријата за роботска игра и за најдобар дизајн на робот.