Улицата „Љуба Ивановиќ“ затворена со столпчиња, нема излез за главната улица

650

Жители од улицата „Љуба Ивановиќ“ во населбата Бутел 2, веднаш до средното училиште „Арсениј Јовков“, реагираат дека некој поставил столпчиња и ја затворил улицата, па не можат да излезат на главната улица.

-Некој решил дека улицата која го поврзува целото маало со главната улица и е една од артериите за слободно движење на граѓаните со надворешноста треба да се затвори на диво. Како може да се затвори цела улица без да бидат известени луѓето кои живеат тука? – прашува Ермин Климента и додава дека тоа е јавна површина која треба да биде одржувана од Општината, евентуално од Градот.

-Оваа улица со години беше поправана од граѓаните кои живеат тука, па се помиривме со тоа. Но, ова е веќе ненормално! Како е возможно ова, во една од најголемите општини во Македонија – потенцира Климента.

И Ѓоко Богоевски е револтиран и вели: „Да се тргнат столбовите веднаш. Ова не е ничиј имот. Ако Општина воопшто постои“.

-Срамота е ова што му се прави на народот. Луѓево ги затворија како логор да е – смета Томе Старковски.

Од Општина Бутел вели дека инспекциските служби излегле на терен по пријава од граѓани за поставени столпчиња на улицата „Љуба Ивановиќ“ во Бутел 2, веднаш до средното училиште „Арсениј Јовков“.

– Констатирано е дека столпчињата се бесправно поставени и за нив е донесено решение за отстранување. Фирмата задолжена за тоа, столпчињата ќе ги отсрани неделава – кусо одговорија од локалната самоуправа.

(А.П.)