Улицата „Македонија“ во Скопје мириса на мед

475

Производството на мед годинава во поголемиот дел од земјава е многу подобро од лани. Според претседателот на пчеларското здружение „Матица“, Душан Ристевски, на намаленото ланско производство влијаеле климатските промени, употребата на пестициди, користењето на безжични уреди од кои се емитува електромагнетно зрачење, но и на огромното нарушување на природната средина со сечењето на дрвјата поради што, Јужна и Северна Америка изгубија и до 40 проценти од пчелните семејства од тие причини.

– Оваа година е добра што се однесува до производството на мед. Просекот е 15 килограми мед по пчелно семејство. На глобално ниво луѓето увидуваат дека пчелата, како инсект, има многу позитивно влијание врз земјоделството, бидејќи 80 проценти од билките што се опрашуваат, ги опрашуваат пчелите кои опстојуваат милиони години благодарение на човекот кој ги користи пчелните производи. Има иницијатива од Светската организација да се прогласи пчелата како најкорисен инсект, како што имаше иницијатива и е прифатена, 20 мај да се прогласи за ден на пчелата – истакна Ристевски на отворањето на 15. манифестација „Денови на македонскиот мед“.

Триесет и осум излагачи од цела Македонија на штандовите поставени долж улицата „Македонија“ во Скопје – од Градскиот плоштад до некогашното кино „Вардар“, нудат мед, прополис, матичен млеч и други пчелини производи. Штандовите се отворени за презентирање, дегустирање и купување на пчелини производи од 9 до 19 часот, сè до недела.

Манифестацијата годинава се одржува под мотото „Конзумирајте пчелни производи за убав ден и здрав живот“, а покровители се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Град Скопје и Општина Центар.

Пчеларот Борче Павлов на својот штанд нудеше восочен крем за омекнување на кожата, мед од Куманово, но и од Кожуф, матичен млеч, прополис капки, но и спреј. Тој вели дека има повеќе пчеларници на повеќе локации во Куманово и Светиниколскиот регион.

– Јас 18 години професионално се занимавам со пчеларство иако сум магистер по земјоделски науки по пчеларство, а инаку сум дипломиран економист и претходно работев во неколку различни фирми, а ги имам сите пчелини производи – изјави Павлов.

Кај него, еден килограм мед во саќе чини 500 денари, додека само мед 400 денари/килограм. Еден грам матичниот млеч е 150 денари. Прополис капките од 10 милилитри чини 60 денари, додека прополис спреј 25 милилитри е 160 денари.

Оваа година тој произвел 5 тони мед и вели дека за нијанса е подобро од минатата. Борче вели дека луѓето немаат навика за купување на мед, на ниво колку што е потребно да се консумира, но сепак вели тој од година во година се чувствува зголемување на побарувачката и потрошувачката на медот, што е слично и со останатите пчелини производи.

– Потрошувачите стануваат поинформирани за медот и за другите пчелни производи и за нивното значење за здравјето на луѓето, но и за значењето на пчелите како најголем опрашувач во природата – смета Павлов.

Пчеларот Горан Михајловски вели дека со пчеларството се занимава целото негово семејство. Тој на својот штанд нуди Беровски мед, и тоа шумски, ливадски, како и мед во саќе, прополис и други пчелни производи. Михајловски годинава произвел пет тони мед, а има над 500 пчелни семејства. Но, дека тоа е макотрпна работа во која се ангажирани сите четири членови од семејството.

– Мачно е, пчелите ги селиме и во Штип. Со оглед на тежината на работата не е висока цената на медот и останатите пчелни производи – смета Михајловски.

Кај него еден килограм мед чини 400 денари, медот во саке еден килограм – 450 денари, прополисот е 50 денари за 10 милилитри и 100 денари за 17 милилитри.

Михајловски вели дека проблем е нелојалната конкуренција на оние што продаваат мед и други пчелни производи по пазарите.

– Тоа не е вистински мед, фалсификат е. Не знам што му ставаат, но не е природен. Државата не превзема ништо, време е да интервенира во однос на тоа -реагира тој.

Пчелините производи се многу корисни. Пчелата се користи и како храна на одредени птици, како што се ластовиците, кои дневно јадат од 150 до 200 пчели.

(А.П.) – Фото: Н. Батев