Украинците во своите мобилни телефони имаат тајно оружје. Апликацијата „Диа“ смислена во мирновременски услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и Владата се покажала како ефикасно оружје против руските сили. За само еден месец, колку што е активна оваа функција, над 260 илјади луѓе ја споделија информацијата

Дигитализацијата на државната администрација не ја заобиколи ниту Украина. Иако од денешна перспектива на војна и воено уништување изгледа како далечно минато, дигитализацијата беше едно од предизборните ветувања на актуелниот претседател Володимир Зеленски.

Така, во февруари 2020 година беше пуштена во употреба апликацијата „Diia“, („Диа“) која требаше да биде поедноставен начин на комуникација меѓу граѓаните и Владата и да им овозможи пристап до јавните услуги, плаќање даноци и пристап до лични податоци.

Но, тоа не значи дека „Диа“ не функционира за време на војната. Напротив, таа доби многу важна и необична улога. Министерството за дигитална трансформација  во рамките на оваа апликација инсталираше нова функција наречена E-Enemy (Е- Непријател) Функцијата е многу едноставна и, за владата, исклучително корисна. Тоа им овозможува на граѓаните на Украина да ја пријават позицијата на руските војници директно од нивните паметни телефони.

На овој начин украинската влада, како и армијата, дневно добиваат илјадници пријави, а за тоа служи и официјалниот канал „Телеграм“. Ваквите информации им помогнале на украинските војници да го пронајдат и уништат рускиот конвој во близина на Киев, пишува Бизнис Инсајдер, а пренесува Дневник.хр.

Главната предност на Е-Непријател е што за пристап до апликацијата „Диа“, корисникот мора да ги користи корисничкото име и лозинката регистрирани во системот за е-пасош. На овој начин армијата знае дека зад информациите за локацијата на руските сили стои лице со име и презиме, посочува директорката за развој на е-услуги во Министерството за дигитална трансформација Слава Баник и додава дека тоа е многу полесно да се провери оваа информација.

Како што објасни Баник, откако ќе се пријават за „Диа“ и ќе ја изберат опцијата „Е-непријател“, корисниците се пренасочуваат на посебен канал на Телеграм каде што можат да остават клучни информации како што се локацијата на војниците, типот на војниците, дали пешачат или се во возилата, колку ги има и слично.

За само еден месец, колку што е активна оваа функција, над 260 илјади луѓе ја споделија информацијата. Украинските власти се надеваат дека ваквата мрежа на доушници ќе им помогне да бидат чекор понапред од руските сили, но и да ги документираат воените злосторства што се случуваат низ целата земја. Така, откако се појавија информациите за масакрот во Буча, преку апликацијата ги повикаа преживеаните или сведоците да пријават што точно се случило, вклучувајќи ги сите фотографии или видеа. Засега, се чини, Украинците користат технологија на секој можен начин за да се одбранат. И, според сите проценки, добро им оди.