Мотодефиле во Куманово за важноста да се носи заштитна опрема

35

„Празнувај, патувај, почитувај! Биди безбеден“ е насловено денешното мотодефиле кое се одржа во Куманово во организација на отсекот за превенција од СВР Куманово, на мотоклубот „Мечки“, општинскиот совет за превенција од детско престапништво и Црвениот крст Куманово.

Моторџиите возеа по градските улици во Куманово, укажувајќи на значењето од носењето опрема и почитувањето на сообраќајните правила и прописи. Поисутните моторџии ги повикаа младите колеги да ја носат заштитната опрема. Ова е превентивна активност која се реализира пред празниците и периодот на сè потоплото време кога се зголемува бројот на возачи на мопеди.

– Мотоциклистите се рамноправни учесници во сообраќајот и должност е да сепочитуваат од другите учесници, но и нивна должност е да ги почитуваат правилата и прописите. Да имаа соодветна возачка дозвола, заштитна опрема, да не создаваат штетна бучава и недолично возење со атракции, да не ги вознемируваат граѓаните, да го почитуваат редот и мирот, изјави Виолета Богдановска, началничка на отсекот за превенција од СВР Куманово,

Припадниците на мотоклубот им се обратија на помладите моторџии како совесно да се однесуваат и како да се заштитат себеси и останатите учесници во сообраќајот.

– Од овде упатуваме порака до сите, особено до родителите, за поголема грижа и внимание кон децата, животот и здравјето немаат цена. Да се создава култура на живеење, бидејќи безбедноста зависи од сите нас. Силата и моќта е да не се кршат законите, туку да се почитуваат и да се влијае на другите да ги почитуваат, изјави Виктор Михајловски од мотоклуб „Мечки“.

Акцијата за поткревање на свеста за безбедно учество во сообраќајот, повеќе од десет години ја спроведуваат СВР Куманово и Мотоклубот „Мечки“