Тобого беше многу мил и обожаваше да јаде кромид и праз

3848

Ова утро ми почна работниот ден без едното мое милениче, Тобого. Јас сум човек што тешко ја искажува својата емоција, но утрово душава боли, а срцето ми е скршено. Тие секое утро ќе дојдат сите три до мене, ќе ме погалат со муцињата, ќе мрдаат со ушињата, а јас ќе почнам да им зборам дека тука сум и денот ќе им го посветам само ним. Тие се посебно големи животни, ама знаат да ја искажат својата љубов. Ама ова утро тоа не го почувствував од Тобого, нè напушти, вели негувателот Ристе Трајковски. Вели дека Тобого, заедно со другарите Каспер и Флопи, се многу мили животни кои јадат јаболка, моркови, леб, сено, а посебно обожаваат да јадат кромид и праз

Жирафата Тобого заедно со Каспер и Флопи беше меѓу омилените жители на скопската зоолошка градина. Угина пред три дена, а во изминативе 9 години како постојан жител на ЗОО-Скопје беше миленик на вработените и на посетителите.

Тобого, Каспер и Флопи како тригодишни жирафчиња се дојдени во Зоолошка од 2013 година, а од моментот на нивното истоварување за нив се грижат братот и сестрата Ристе и Маја Трајковски.

Ристе го големи емоции ни раскажа колку му е жал што неговиот Тобого го нема повеќе, но свесен е дека животот мора да продолжи понатаму и се обидува да им пружи повеќе внимание на Каспер и Флопи, за да не го чувствуваат отсуството на Тобого.

– Ова утро ми почна работниот ден без едното мое милениче, Тобого. Јас сум човек што тешко ја искажува својата емоција, но утрово душава боли, а срцето ми е скршено. Тие секое утро ќе дојдат сите три до мене, ќе ме погалат со муцињата, ќе мрдаат со ушињата, а јас ќе почнам да им зборам дека тука сум и денот ќе им го посветам само ним. Тие се посебно големи животни, ама знаат да ја искажат својата љубов. Ама ова утро тоа не го почувствував од Тобого, нè напушти – вели негувателот Ристе.

Вели дека жирафите си ги познаваат негувателите кои си ги хранат и си ги чуваат и затоа не се менуваат.

– Жирафите ги чуваме и се грижиме за нив ние двајца – сестра ми и јас. Татко ми тука работеше 37 години, почина тука во Зоолошката и така животот му заврши. На негово место дојде сестра ми и ние двајца сме ангажирани кај жирафите – нагласува тој.

Работниот ден му почнува секогаш исто. Ги зема клучевите од чуварите од капија кои навечер ги проверуваат животните, а потоа оди во живеалиштата на жирафите да ги провери.

– Одиме во ходникот горе, поради ситуацијава не пуштаме посети внатре во живеалиштето. Проверуваме да не има нешто скршено што би ги повредило животните. Ја проверуваме здравствената состојба на животните, а потоа прво им го ставаме сеното за да почнат да си јадат – раскажува Ристе.

За секојдневна исхрана на жирафите стигаат по 40 килограми јаболка, 30 килограми морков, и 21 лепче – по седум за секоја жирафа.

– Тобого како и неговите пријатели обожаваше да јаде кромид и праз – по 5 килограми кромид и 3 килограми праз. Тие се преживари и сета храна ја дробиме на поситни парчиња, бидејќи животното може да се удави. Се хранат три пати во денот. Имаат и закуска од палентирана храна што специјално ни ја прават за жирафи, слонови и други специфични животни која е богата со минерали и витамини и животните преку таа храна внесуваат сè што им треба. Една жирафа јаде по 9 килограми од таа храна или 27 килограми дневно од палентираната храна. Исто така јадат по 3-4 килограми овес, тоа им е во закуската, покрај другата храна. За нив стига и сено од прва класа. На пример, коњите можат да јадат и друго сено, но за преживарите мора да биде прва класа сено. Зоолошка има годишен буџет за сите животни и со храна ги снабдуваме од фирма. Храната е тазе и квалитетна, сè што јадеме ние луѓето, таква храна добиваат и животните – вели Ристе и додава дека и тој и сестра му кога е на смена им дозволуваат на посетителите да видат каква храна јадат жирафите.

Жирафите живеат до 22 години во заробеништво, а 20 години во природа. Тобого и неговите другари се стари 11 години и тоа е средна возраст. Ристе вели дека немало никакви знаци дека со животното не е нешто во ред.

– Сабајлето го најдовме и веднаш пријавивме, дојдоа ветеринари и така. Дојдоа и од ветеринарна медицина, обдукцијата ќе покаже од што угина Тобого. Не е од човечки фактор или од удар од другата жирафа бидејќи немаше повреди. Секој од нив си има посебен дел и при затворање ги двоиме, и една со друга немаат допир во внатрешниот дел. За спиење, како што прават во сите нормални зоолошки, така и ние на тој принцип ги двоиме, бидејќи се мажјаци – вели Ристе.

Вели дека жирафите се многу мили животни. Тие се неми, не испуштаат звуци.

– Тие мрдаат со ушите кога те распознава и гласот ти го познава. Јас можам да се скријам во некоја грмушка, а вие да ги викате по име, нема да се свртат, а мене само што ќе ми ги слушнат гласот доаѓаат кај мене. Мили се, тоа е специфично животно, убаво, грациозно, големо. Колку само детски срца наполнија. Ќе ни дојдеа дечиња со посебни потреби, ќе ги донесам на ограда сите тројца и ќе почнат да ги галат дечињата, колку на тие мили деца им е полно срцето – кажува Ристе. 

Жирафите не спијат, одмораат само по половина час во денот. Имаат играчки со кои си играат и храната им ја кријат во играчка, а на крај на денот негувателите ја тргаат играчката.

– Тие се многу мили животни, имаат многу убаво крзно, јас сакам да ги галам по гривата. Сакаат да се галат, ама само со нас, со други не. Флопи кој живее сам во живеалиштето нема шанси друг да му пријде и да го допре. Сум ги гледал од мали жиравки, па како растат и сега се со висина од 6 метри што е вистинската висина за една жирафа. Сите три ми се мили, некој е потемпераментен и треба да му пристапиш на друг начин, друг сака на друг начин да го погалиш. Секој има различен карактер и јас им пристапувам на различен начин – раскажува Ристе.

Жирафите се љубопитно и плашливо животно. Вратот им е многу осетлив дел од телото, дури и кога се легнати го држат вратот и главата нагоре и затоа и хранилките и поилката им се поставени на висина. Можат да ја наведнат главата, но не можат подолго време да останат во таа позиција.

– Зимно време правиме проверка на цело живеалиште, ако малку зароси жирафите не ги пуштаме надвор. Тие се копитари со мазни копита, може да падне, да се лизне, водиме грижа на тој начин. Ако се надвор и зароси, јас ги викам по име и секое си знае да си влезе во своето живеалиште – вели Ристе.

Вели дека Тобого многу ќе му недостасува, но вели дека мора да продолжи да се грижи за Каспер и Флопи и очекува во Зоолошка да донесат женка и да има потомок.

– Тобого беше прекрасно животно, за мене се тие светици. Кој не бил покрај вакво животно му посакувам да го осети тоа чувство на љубов, кое немам зборови да ви го опишам. Здравје. Па да се видиме пак за убави работи – ни рече Ристе на крајот на разговорот.

(С.Бл.)