Грците, наместо 300, ќе плаќаат 500 евра ако ги прекршат мерките

41

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, говорејќи од Парламентот најави зголемување на казната за прекршување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од 300 на 500 евра.

„ Казната за прекршувачите, за оние кои свесно инсистираат на прекршување на мерките ќе се зголеми од 300 евра на 500 за да можеме да ја загрееме економијата, без да го ставиме во опасност здравјето со трет бран на пандемијата“, рече Мицотакис.

Паралелно, тој истакна дека Владата е подготвена, доколку постои позитивна препорака од Комисијата на епидемиолози, од понеделник да се отворат продавниците во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

„Сакам да бидам апсолутно јасен, секое отворање на економската активност носи ризик од зголемување на случаите. Сè додека ова зголемување на случаите е логично и контролирано и сè додека не врши притисок врз здравствениот систем, тоа е нешто што можеме да го издржиме. Ова се тие тешки рамнотежи што треба да ги најдеме. Значи, ако експертите проценат дека овој ризик е разумен и ни препорачаат дека треба да одиме на постепено отворање на малопродажбата, подготвени сме тоа да го спроведеме од понеделник “ објасни грчкиот премиер.

Премиерот информира и за продолжување на две мерки за поддршка на општеството. Едната се однесува на 80 отсто покриеност на трошоците за кирија за деловен простор, што ќе важи и за февруари, а другата е за надоместокот за невработените што ќе го добијат и во следните два месеци.