Театрите затворени за публиката, магијата се враќа во септември

161

Како што велат во театрите до септември, кога се најавуваат и премиери во неколку театри, останува уште по некое гостување и колективен августовски одмор. Во моментот во Драмски се подготвува премиера на претставата „Несоодветно за на работа“ од Луси Кирквуд, а во режија на светски познатиот актер, режисер и професор Доналд Ворен Мофет,а МНТ за септември ја најавува „Бесачи“ по текст на актуелниот британско-ирски  автор Мартин Мекдона, а во режија на Јавор Грдев

Театрите во државата ги затворија вратите за публиката, а театарската магија продолжува дури во септември за кога се најавуваат и нови премиери. Како што велат во овие културни институции, останува уште по некое гостување и… колективен августовски одмор.

Драмскиот театар во Скопје сезоната 2018/2019 ја заврши на 12 јуни со претставата „Странци“, со која на 23 јуни гостуваше на Скопско лето. Во моментот како што велат во театарот се подготвува премиера на претставата „Несоодветно за на работа“ (Not safe for work) од Луси Кирквуд, а во режија на светски познатиот актер, режисер и професор Доналд Ворен Мофет.

Тој го поставува ова дело од британската современа драмска авторка Кирквуд, кое ја актуализира родовата тематика преку критички став за објективизацијата на женското тело и борбата за надмоќ. Со ова дело Драмски ќе гостува на Охридско лето на 27 јули.

Нашата најголема национална театарска куќа, Македонскиот народен театар, пак, кој со „Магбет“на 27 јуни гостуваше на Скопско лето, а со „Крал Иби“ на 28 јуни на Битола Шекспир фестивал, како последни претстави за сезоната која изминува,  со редовната програма стартува на 10 септември и тоа со претставата „Мој термин“, додека премиера на претставата „Бесачи“ по текст на актуелниот британско – ирски  автор  Мартин Мекдона, а во режија на Јавор Грдев ќе се случи на 24 септември.

„Основната причина што текстот ‘Бесачи’ го поставувам на сцената на Македонскиот народен театар е што театарот располага со актерски ансамбл кој е во состојба да понесе проект со таква тежина. Уште од 2015 година ја имам во предвид оваа пиеса и трагав по соодветно место и ансамбл каде што ќе ги имам сите можности за поставување на таков голем проект. Друга, многу важна, мотивација за поставување на овој текст е неговата тема. Пиесата се занимава со тема која привидно веќе е решена и во Македонија и во Бугарија, а и во многу други држави. Станува збор за смртната казна, но Мекдона почнал да се занимава со темата откако таа веќе била излезена од фокусот на јавноста“, вели Јавор Грдев за претставата.

Театар Комедија, пак, својата последна претстава за оваа сезона ја имаше на 22 јуни – „Дони Дарк“, а во септември репертоарот започнува со фестивалот „Гола месечина“ (2-9 септември), додека на 10 септември првата претстава е „Жени пред нервен слом“. Во септември ќе биде одиграна и последната премиера на Театар Комедија „На отворено“.

Охридскиот театар, пак, на 20 јули ќе гостува на Охридско лето со претставата „Каде е пиштолот“ од унгарскиот автор Габор Ѓоргеј, а во режија на Дејана Николовска. Во септември Игор Ивковиќ ќе работи на нов текст.

Во Битолскиот театар се работи новата претстава “Август во округот Осејџ“ во режија на Драгана Милошевска Попов, која ќе има премиера на крајот на јули. На 25 јули пак, Битолскиот театар со „Бакхи“ гостува на Охридско лето, додека на 10 август ќе биде на сцената на Будва, град театар со истата претстава. Сезоната во овој театар  почнува по 10 септември со тековниот репертоар и подготовка на нова претстава.

Во Велешкиот театар репертоарот стартува на 1 септември со претставата “Слуга на двајца господари“, додека својата прва премиера по одморот овој театар ќе ја има до 15 септември. Според уметничкиот директот Васил Зафирчев, се работи за водвиљ, комедија во три чина „Одам на лов“ од Жорж Фејдо, во режија на Дејан Дамјановски.