Министерот за култура Исмаили ќе ја продлабочува соработката со Албанија

95

Министерот за култура Хусни Исмаили, вчера, имаше средба со албанскиот амбасадор во земјава Фатос Река, на која се разменети мислења за досегашната успешна соработка во областа на културата, како и за потребата од нејзино продлабочување.

Исмаили истакна дека традиционално албанските поети и писатели учествуваат на книжевните манифестации во државава, како што се Струшките вечери на поезијата, а од особено значење е и што мината година нашата земја првпат се претстави на Саемот на книгата во Тирана.

Министерот додал дека традиционално и годинава се поддржува манифестацијата „Македонско културно лето“ во Мала Преспа, а е планирано Албанскиот театар, во рамките на својата балканска турнеја, да гостува и на фестивали во Албанија.

Значителна е и соработката меѓу двете земји на мултилатерален план, преку долгорочниот проект „Прекуграничен биосферен резерват Охрид-Преспа“ и вклученоста во заедничката иницијатива на УНЕСКО и ЕУ – „Кон зајакнато управување со заедничкото прекугранично природно и културно наследство на Охридскиот регион“.

Со цел продлабочување на соработката во тек е и постапката за отворање културно-информативни центри во Скопје и во Тирана.