Познатата пејачка Ејми Вајнхаус имаше само 27 години кога почина во јули 2011, а нејзиниот татко сака да го задржи сеќавањето на неговата ќерка преку новиот филмски хит. Нејзиното семејство потврди дека филмот е во рана фаза на подготовка. Иако снимањето требаше да започне лани, дури сега има конкретни активности на проектот што во киносалите треба да пристигне за две години.

„Навистина очекувам фановите да ја запознаат повторно, онаква каква што беше навистина. Таа ги сакаше луѓето и тие ја сакаа. Вистинска, позитивна слика за Ејми“, објасни тој. На прашањето дали филмот ќе ја следи тајната формула за успех на холивудските хитови како „Боемска рапсодија“ или „Рокетман“, Мич изјави: „Ќе биде тоа друга приказна, но ќе ги следи сличните упатства. Сè уште ништо не сме се договориле, но многу сме возбудени“.

За Ејми веќе беше направен документарен филм во 2015, режиран од Асиф Кападија кој освои Оскар, но нејзиниот татко го опиша како „невистинит“ и „полн со заблуди“. Имено, филмот ги покажа нејзините најславни моменти во кариерата, но и нејзината зависност од дрога и алкохол, како и трагичниот крај.