Страв од „неконтролирана војна“: Пет начини на кои Израел може да му се одмазди на Иран

1763

Воениот кабинет на Израел подготви планови за одмазднички напад по невидениот напад со беспилотни летала и ракети на Иран, додека светските лидери стравуваат од избувнување на „неконтролирана војна“, пишува The Sun.

Од борбени авиони до нуклеарните постројки на Техеран, напади од подморници или масовни сајбер напади – постојат пет главни начини на кои Израел може да го нападне својот непријател.

Во саботата вечерта, Иран го нападна Израел со бран од стотици балистички и крстаречки ракети и беспилотни летала, што беше првиот директен напад на Техеран врз неговиот непријател.

Израелскиот одбранбен систем „Железна купола“ и сојузничките авиони соборија 99 отсто од ракетите.

Воздушниот напад претставува голема пресвртница во долготрајниот индиректен конфликт меѓу двете држави и ја зголеми можноста за сеопфатна војна во регионот.

Израел вети „значаен одговор“ на нападот на Иран со 110 балистички ракети, 36 крстаречки ракети и 185 беспилотни летала – што Ерусалим го гледаше како „објава на војна“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одложи непосредниот одговор на Израел кон Иран, откако американскиот претседател Џо Бајден повика на воздржаност и го предупреди „внимателно да размисли“ за неговиот следен чекор.

Но, Израел останува на ставот дека го задржува правото да го нападне Иран „на начин и во време“ по сопствен избор, а неговите дипломати во ОН рекоа дека Иран „ја преминал секоја црвена линија“ со својот напад.

Џонатан Коникус, висок соработник во Фондацијата за одбрана на демократии и поранешен офицер на ИД, изјави за Сан дека ова е „почеток“ на односите меѓу Израел и Иран.

Иран за прв пат излезе од сенка и реши директно да се спротивстави на Израел и така секако се претстави како мета.

„Како Израел ќе одговори? И како Израел ќе испрати порака до Иран дека дефинитивно ја преминале линијата?

Додека светот го чека одговорот на Израел, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на вонредниот состанок на Советот за безбедност во неделата изјави дека „Блискиот исток е на работ“.

„Луѓето во регионот се соочуваат со реална опасност од разорен сеопфатен конфликт. Сега е време за смиреност и деескалација“.

Британскиот премиер Риши Сунак го осуди нападот на Иран како „неодговорен“ и повика на смиреност, додека во заедничката изјава на Г7, исто така, повикаа на претпазливост, стравувајќи од „неконтролирана“ војна во регионот.

Но, прашањето на сите на ум е како Израел ќе избере да одговори.

ИД синоќа соопшти дека одобрила „офанзивни и одбранбени акции“ – но не даде дополнителни детали.

Еве пет начини на кои Израел може да изврши напад:

1. Удар од подморници

Израел има пет германски подморници способни да лансираат крстосувачки ракети.

Извештајот во „Форин полиси“ сугерираше дека подморниците би можеле да бидат распоредени во Индискиот Океан каде што нивните проектили би можеле да летаат преку меѓународните води и директно да го погодат Иран.

Сепак, беше истакнато дека Израел има ограничен број крстосувачки ракети и подморници, што го прави таков напад ризичен и потенцијално минимален по обем.

2. Напад на нуклеарни постројки

Израел можеби ќе сака да се обиде со молњевит напад за да ги уништи главните ирански нуклеарни постројки во Фордоу и Натанц – план за кој се вели дека се размислува со години.

Овие локации долго време беа извор на тензии меѓу овие непријатели, но нападот врз нуклеарните постројки отсекогаш се сметаше за најава за целосна војна.

Сепак, експертот за одбрана Коникус за The Sun изјави: „Мислам дека ништо не е исклучено. Израел гледа различни цели, а нуклеарните цели дефинитивно се високо на листата на приоритети“.

Според извештајот на Jerusalem Post, бранот израелски ловци Ф-35 кон Иран најверојатно ќе биде проследен со дополнителни ескадрили борбени авиони Ф-15 и Ф-16.

Тие најпрво би можеле да помогнат во уништувањето на иранската противвоздушна одбрана – за кои Коникус истакна дека се „значајни и не треба да се занемаруваат“ – и да го отворат патот за Израел да ги нападне избраните нуклеарни постројки.

Но, клучот би бил во пристигнувањето на тешко натоварените ловци Ф-35 кои носат американски бункерски бомби.

Ова оружје може да навлезе до 80 метри под земја за да стигне до подземните нуклеарни објекти, вклучувајќи го и Фордо.

Меѓутоа, САД отсекогаш одбивале да му дадат такво оружје на Израел.

Наместо тоа, во извештајот се вели дека Израел можеби ќе треба да се потпре на балистички ракети земја-земја и борбени беспилотни летала за да го блокира пристапот на Техеран до електрична енергија и да ги затвори неговите влезови и излези.

Сепак, многу е нејасно дали Израел би прибегнал кон таков драматичен одговор.

3. Напад на ирански воени бази

Поверојатното сценарио вклучува Израел да изврши координирана серија ракетни напади со долг дострел кои најпрво ќе ги таргетираат ракетните бази што Иран ги користеше за да го изврши својот напад.

Ова потоа би можело да се прошири на целни кампови за обука, командни и контролни центри и воздушни бази на иранскиот корпус на револуционерната гарда (IRGC).

„Израел има неверојатни воздушни сили кои пред само два дена ги покажаа своите одбранбени способности“, смета Конрикус.

4. Удари против сојузниците на Иран во Сирија и Либан

Наместо директен контранапад против Иран, Израел би можел да избере помалку ескалирачки пат на континуирани напади врз регионалните сојузници на Иран во Либан и Сирија.

Како дел од својата „тивка“ војна со Техеран, Израел организираше атентати и диверзантски напади против иранските терористички посредници, вклучително и Хезболах, и изведе стотици напади врз цели во Сирија и Либан.

Нападот во саботата – за кој Иран тврдеше дека е „легитимна самоодбрана“ – уследи по смртоносниот напад врз неговата амбасада во сирискиот главен град Дамаск на почетокот на овој месец, за кој нашироко се верува дека го извршил Израел.

Сега, по директното соочување со Иран, аналитичарите велат дека Израел може да размисли за проширување на своите напади врз иранските воени ресурси во Сирија и на други места.

Израел веќе погоди цели на Хезболах во Либан во раните утрински часови во неделата – насочени кон фабрики за оружје и други цели.

5. Сајбер-напади

Со оглед на повиците на западните лидери за воздржаност, Израел би можел да избере тајна воена акција.

Израел и претходно изврши сајбер напади врз Иран, вклучително и гаѓање на неговите бензински пумпи.

Поранешниот директор на ЦИА, Дејвид Петреус, во неделата предупреди дека израелската војска може да „изведе асиметрични напади, вклучително и во сајбер просторот и слично“.

Претставник на ИД исто така потврди за USA Today дека се размислува за сајбер напади.

„Понекогаш треба да планирате три или четири потези за да го разберете вистинскиот пат“, додаде неименуваниот функционер.