Снеже Велков постојано на нејзиниот „Инстаграм“ објавува фотографии, но и мотивирачки пораки да се сакаме себеси и дека секој човек е убав особено ако е насмеан.

– Немојте да се споредувате со други зошто секогаш ќе откриете дека се подобри во нешто од вас. Единствената личност со која треба да се споредувате е таа во огледалото. И не барајте чуда. Само потрудете се наместо да ги барате негативните работи во одразот, да ги видите убавите. Насмевнете се! Јас досега немам видено насмеан а не убав човек, напиша Снеже.

Снеже во нејзината кујна / Фото: Инстаграм

Но, потоа додаде и дека никој не е совршен, но сепак во тие несовршености има и друга позитивна страна што нè прават блескави луѓе. Па така таа напиша дека иако во кујната знае да се исфлека, да се изгори, да биде со разбушавена коса, сепак таа блеска од креативност, брзоплетост, немарност и додаде дека сите можеме да блескаме.

– Признавам кога влегувам во кујна знам да бидам со сосема бушава и мрсна коса. Знам да се исфлекам при готвењето и така фино да се замирисам на манџи, ручеци и прженици. Знам и да се исечам со нож додека сечкам или лупам… Знам фино да се изгорам. Знам и да препечам и да пресолам храна и знае да не ми успее колачот. А, знам да направам и магија. И знам дека во двата случаи блескам. Блескам од брзоплетост зашто се исеков, блескам од немарност зашто пресолив… Блескам од креативност зашто смислив нов рецепт,  блескам од радост дека последниот ручек ми е како од 24 Kitchen, па ќе се скоцкам и ќе го послужам на моите ко да ми се висока делегација. Блескам секако, зашто ова е моја кујна и мои правила. Да заклучиме: Блескајте оти ви се може, порача Велков.